Не постои никаква логика да има два изборни циклуси на растојание од месец и половина и да се трошат два пати пари за избори, за месец и половина, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски во емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24.
– Нема никаква логика да имаме два изборни циклуси на растојание од месец и половина, односно два пати да се трошат пари за месец и половина. Тоа е прво, второ можно е и да имаме и три изборни циклуси од причина што има веројатност претседателските избори да не успеат, тоа е заради големото иселување од Македонија. На последниот попис во Македонија активно население има 1,800,000, а на избирачки список има 1,820,000 при тоа во овие 1,800,000 се и децата до 18 години што немаат право на глас, а избирачкиот список е таков да сите што имаат македонско државјанство имаат право на гласање. Во такви услови да постигнете 40% излезност во втор круг каде од само двајца кандидати треба да се бира еден и нема мотив да се излезе на гласање е голем ризик. И тогаш да не ги споите претседателските и парламентарните избори не е ништо друго освен нерационално однесување. Секогаш во минатото без разлика кој тип на избори се во ист период во Македонија, се спојувале – потенцираше Николоски.
Тој посочи дека до денес не добил ниеден јасен став од страна на власта на СДСМ и ДУИ за тоа кој би бил аргументот за разделени избори.
– Немам слушнато до денес ниедна работа ете ова е причината, за разлика од нашите јасни аргументи а тоа е дека Македонија нема пари за дупли избори, нема економска сила 6-7 месеци да е замрзната државата, уште помалку има економска сила доколку не успеат претседателските избори да влезе во циклус на избори, зошто? Затоа што доколку прво имаме претседателски, па има парламентарни избори, па има нови претседателски избори, а веќе во 2025 година има редовни локални избори тогаш Македонија влегува во циклус на избори во година и половина од избори за избори што мислам дека не може да ја издржи економијата која е ранета, на која што влијае војната во Украина и на Блискиот Исток и која е непредвидлива па ете што направија Бугарите сега со даноците за гасот. Какво влијание тоа ќе има врз економијата на Македонија? Самиот премиер вели дека до 20% може да оди поскапувањето на струјата и на парното и сега вие во едни такви услови следната зима да ја пречекате пак со избори за избори е несериозно однесување – дециден е Николоски.
Во однос на релевантните истражувања на јавното мислење околу кандидатот за претседател на државата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателот Николоски истакна дека тие ќе се готови следниве 5 недели и тогаш ќе има првична слика кој има најголема поддршка помеѓу народот.
– Ние имаме 20-тина кандидати кои ги мериме на анкетите, но во ВМРО-ДПМНЕ има една специфична процедура за избор на кандидат на претседател на државата, тоа е преку гласање на целокупното членство во партијата преку познатата конвенција која е воведена од самото основање на партијата. Прво има претставување низ сите општински комитети во Македонија, па членовите бираат делегат, па тие делегати доаѓаат на конвенцијата за избор на претседател и се бира еден – истакна Николоски.