– Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Драган Николиќ најави дека неговите кошаркари до крај ќе се борат за опстанок во АБА лигата и покрај тоа што драстично ги намалија шансите со синоќешниот пораз на гостувањето во Чачак против директниот конкурент Борац со резултат 105-84.
-И пред да дојдам ситуацијата беше многу тешка и клубот се обидуваше да се спаси од испаѓање од АБА играјќи на три фронта. Се плашев дека ќе паднеме физички кога е најпотребно и за жал, тоа се случи сега. Причината е во тоа што ние играме на повеќе фронтови, додека други клубови играат само на еден. Сепак, немаме оправдување за ваков лош натпревар со слаба енергија. Ова е многу болен пораз за нас, ќе видиме како ќе тераме до крајот бидејќи има уште многу да се игра во оваа сезона, изјави Николиќ по поразот во Чачак.
Македонскиот кошаркарски првак е последнопласиран на табелата со ефект 4-19 и сега заостанува две победи зад Борац, кој е претпоследен на табелата.
За место кое носи во плејофот за опстанок во регионалната кошаркарска лига МЗТ до крајот ќе мора да победи на сите три преостанатите натпревари, против Задар, Цибона и Сплит, а воедно Борац да загуби во дуелите со Сплит, Црвена ѕвезда и Будуќност.