Николовски: Наплатата на приходите од ДДВ од увоз на возила е зголемена за повеќе од 482 милиони денари
Дополнителните приходи од царина за увоз на патнички возила во последните шест месеци се повисоки за околу 119 милиони денари во однос на истиот период од 2023 година, додека наплатата на приходите од ДДВ за увоз на патнички возила е поголема за повеќе од 482 милиони денари, изјави денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
Како што рече Николовски на прес-конференција, реалната наплата на данокот на возила во јули 2024 година е поголема за 46,5 отсто во однос на јули 2023 година, во август за 21,7 отсто, во септември за 24,2 отсто, во октомври за 10,3 отсто, во ноември за 27,4 отсто, додека во декември е речиси исто како и декември 2023 година.
Во однос на увозните давачки, Царината, според директорот, постигнала одлични резултати, затворајќи ја 2024 година со вкупна исплата од 6,3 отсто поголема во однос на 2023 година или со над 120 милиони евра.
„Еден факт е непобитен, Царината со новото раководство од 1 јули 2024 година создава резултати кои никој не може да ги побие. Ќе продолжиме уште посилно, нашите засилени контроли даваат добри резултати и се надеваме дека оваа година ќе биде уште поуспешна од втората половина на 2024 година. Постигнуваме добри резултати во полнењето на државниот буџет, влегувајќи во 2025 година уште помотивирано бидејќи за релативно краток период постигнавме добри резултати од сите аспекти“, потенцира Николовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Оценката на директорот е дека официјалниот влез на Бугарија и Романија во Шенген зоната ќе се одрази и кај македонските транспортери во однос на процедурите и последователната работа.
„Ова нема да им оди во прилог на нашите превозници, бидејќи како што сум информиран, тие во првите шест месеци од годинава имаат право да останат внатре 90 дена. Секако дека ќе има одредени пречки, ќе има пречки, но нашите транспортери ќе го направат тоа“, рече Николовски.