Николовски: Сите постапки во МЗШВ месецов ќе бидат завршени во врска со изградба на пречистителна станица во Велес
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при денешната посета на велешка „Маслодајна“ најави дека од нивна страна месецов ќе бидат завршени сите постапки за изградба на пречистителна станица со колекторски систем за отпадни води во Велес.
– Ние како МЗШВ потенцирам дека сме спремни во најбрз можен рок сите постапки во министерството да бидат завршени, а финансирањето оди преку Министерството за животна средина и просторно планирање и други сектори на Владата. Но во делот на постапките на министерството мислам дека овој месец ќе бидат завршени, по што градоначалникот Колев заедно со МЖСПП ќе можат понатаму да ја спроведува постапката, најави министерот Николовски.
Инаку, Проектот за изградба на пречистителна станица во Велес се реализира преку ИПА 3 програмата на Европска Унија за поддршка на проекти за заштита на животната средина. Општина Велес е вклучена заедно со Општина Штип.
Лани од Општина Велес информираа дека вредноста на пречистителна станица со колекторски систем за отпадни води за Велес е во висина од 24 милиони евра.
Тогаш од општината посочија дека со пречистителна станица треба да се прифатат сите отпадни води од левата страна на Вардар и дека ќе се постави цевка под реката, близу автобуската станица, за да се префрлат на другата страна од реката. Потоа со колектор, заедно со тие од десната на градот, ќе се носат под крзнарата „Димко Митрев“.
Со основниот проект е предвидено да се прифатат отпадните води и од блиските села, вклучувајќи го и селото Горно Оризари.
Општината лани најавуваше дека изградбата треба да започне во 2023 година.
Но, кон крајот на минатата година проектот заглави поради административни проблеми. Имено, предвидената парцела каде што требаше да се гради станицата, била продадена за подигање на лозови насади. Инаку таа парцела се наоѓа на влезот на река Бабуна во реката Вардар, кај Велес.