Николоски го оспорува тендерот за третата фаза од пругата кон Бугарија, бара Обвинителството да ја испита работата на ЖРСМ Инфраструктура и ЈДПД
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски смета дека има можност со ЖРСМ Инфаструктура и меѓународните кредитори да се најде начин да се ревидира, како што вели, целата работа за тендерската постапка за третата фаза од пругата кон Бугарија за која рокот за понуди истекува денес. Според него, спорно е што целата постапка има временски опфат од пред изборите, но и зголемена вредност од 340 милиони евра на 560 милиони евра со што километар автопат ќе чини 24 милиони евра.
Николовски денеска одржа прес-конференција за Извештајот за јавните инвестиции што го објави Државниот завод за ревизија и го повика Јавното обвинителство врз основа на наодите од овој Извештај да го испита работењето на ЖРСМ Инфраструктура и на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Осврнувајќи се на Извештајот за изградбата на пругата кон Бугарија, рече дека за третата фаза од овој проект каде вредноста е зголемена за 220 милиони евра односно на 560 милиони евра наместо првично планираните 340, во крајно нетранспарентен процес почната е тендерска постапка пред избори во услови кога, нагласи, „сите знаеја дека ќе има промени на власта“. Рокот за понуди на тендерот истекува денеска и нема законска можност да се поништи постапката, но Николоски е сигурен дека со Македонски железници Инфаструктура и меѓународните кредитори заеднички ќе најдат начин целата оваа работа да се ревидира.
– Целата постапка се одвива во предизборен, изборен и постизборен период. Ние сме влада само три дена, а до сенес е рокот за доставување понуди на тендерот за проектот што чини 560 милиони евра и треба да ја донесе најскапата пруга во светот. Се работи за пруга која треба да оди од пред Крива Паланка до границата со Бугарија, која поминува среде Крива Паланка и треба десетици, можеби и стотици куќи да се уриваат, а завршува во тунел кој нема крај затоа што според проектот може да градите само на сопствена територија. Поврзувањето со Бугарија е предвидено да оди преку тунел, но тој тунел може да се изгради само до границата со Бугарија и треба да го преземе и да го гради Бугарија од другата страна во услови кога нема направено ниту проект за железничко поврзување со Македонија, рече Николоски.
Ги повика меѓународните кредитори и оние кои даваат грантови, како што рече, сериозно да седнеме и да размислиме дали е ова начин и дали вреди вака да се трошат народните пари, а ЈО со Извештајот на ДЗР да влезе во ЈП Македонски Железници Инфраструктура за да ја испита неговата работа. Посочи дека јавниот обвинител има законска обврска да постапи, а во спротивно ќе побара средба со него за да му објасни зошто не постапува по наводите од ДЗР.
– Народни пари повеќе залудно нема да се трошат. Нема да толерирам неодговорност, криминал и корупција и ќе реагирам на сите работи кои ќе ги забележам. Сметам дека е неодговорно без никаква анализа, Македонија да потроши 560 милиони евра без разлика што дел од нив се грант за пруга која треба да уништи цел град и завршува во тунел кој не води никаде, рече Николоски.
Во однос на евентуалното поништување, појасни дека согласно Законот за јавни набавки, јавните набавки може да се поништуваат до денот на поднесување понуди, како и дека тој согласно законите до денес нема право да стави потпис.
– И да сакаме не можеме да го поништиме овој повик што е и перверзијата во повикот затоа што е планирано да заврши во период кога очекувале или да не е формирана владата затоа што согласно роковите до денес беше рокот мандатарот да го достави составот во Собрание. Имајќи предвид дека следи процес на евалуација и имајќи предвид дека треба да се види кој се конкурирал сигурем сум дека одговорно ќе се однесуваат сите вклучени страни во проектот и ЈП Македонски Железници Инфаструктура и меѓународните кредитори. Сигурен сум дека заеднички ќе најдеме начин целата оваа работа да се ревидира, рече Николовски.
Според него, пругата кон Бугарија треба да се гради но, како што рече, прашање е дали треба да се гради по оваа цена и дали треба да се изгради пруга која што завршува во тунел што не води никаде.
Николоски наведе дека Извештајот отвора сомнеж за досегашното работење на ЈПДП, меѓу другото за патот Дреново-Градско за кој проект вели дека има ризици од арбитража, како и за зголемената вредност на автопатот Кичево-Охрид за 170 милиони евра, за кој се потрошени 446 милиони евра, а не е завршен и по 10 години од стартот на изградбата.
– Во моментов за Македонија постои опасност од арбитража каде што дополнително ќе треба да плаќа за незавршен пат и согласно извештајот на ДЗР изградбата на делницата е неизвесна, постои целосна неизвесност за нејзина реализација и голем ризик за арбитража затоа што ЈПДП не ги почитувало своите обврски, рече Николовски.
За автопатот Кичево-Охрид, посочи дека проценетата вредност е 589 милиони евра според Анекс бр. 3 на Договорот, што нагласи дека е зголемување од 170 милиони евра од првичната вредност кога почна да се гради, а која изнесуваше 411 милиони евра. – ЈПДП, предводено од ДУИ до денес нема дадено одговори зошто е ова зголемување, а изговор не може да биде дека законот поминал во Собрание, рече Николовски, посочувајќи дека за 10 години се потрошени 466 милиони евра за пат што почна да се гради пред 10 години. Таму, посочи, има бројни предизвици што треба да се решаваат и јавниот обвинител треба да поведе истрага и во ЈПДП за тоа што се случува во патната инфраструктура.
Посочи и дека според ревизорскиот извештај проценетата вредност на автопатот Скопје-Блаце била зголемена од 112 милиони евра на 198 милиони евра и километар автопат ќе чини 20 милиони евра, што смета дека треба да е мотив плус за Јавниот обвинител.
Како што наведе, после 10 години од акциската програма за животна средина, климатски акции и транспорт од ИПА2, Македонија има искористено многу малку, а на располагање се седум проекти од кои два во областа на транспортот а пет во животната средина. Проценетата вредност е 715 милиони евра од кои финансиска помош преку ЕУ неповратни средства од 175 милиони евра. После 10 години од програмскиот период почната е реализација само на три проекти кои се стопирани или има бавна динамика и за кои има декларирани трошоци во износ од 29 милиони евра, рече Николовски.
Посочи дека за првите две делници од пругата кон Бугарија е зголемена вредоста и се платени провизии од 4,6 милиони евра за неповлечени средства поради неисполнети услови за ефективност на заемот за период од седум години.
По промена на раководството во ЈПДП најави дека ќе побара декласифицирање на договорот со „Бехтел и Енка“ за автопатските делници на коридорите 8 и 10Д и детална анализа. Повтори дека е неодговорно да се раскине договор на веќе исплатените 250 милиони евра.
– Со промената на раководството во ЈПДП која што се надевам дека ќе се случи за брзо имајќи предвид дека актуелниот директор не поднесува оставка што според мене ќе беше логично, но еве не го прави тоа и ќе мора да преземе Владата други чекори затоа што таму има Надзорен и Управен одбор, кога ќе се промени раководството на ЈПДП јас како ресорен министер ќе побарам согласно законот да го декласифицираат договорот и да биде достапен на јавноста. На терен скоро и да нема активности. Тука државниот ревизор се има помалку задржано. Секако моја работа ќе биде со новото раководство на ЈПДП да направиме детална анализа. Сите опции се отворени и јас она што го кажувам и стојам зад тоа, а тоа е дека треба да сме одговорни кон народните пари. Исплатени се веќе 250 милиони евра. Неодговорно е да се раскине договор на веќе исплатена огромна сума на средства затоа што тоа се изгубени средства. Тоа што е одговорно е да се седне и да се разговара колку најмногу километри автопат може да се добијат за оваа рамковна сума која што е поставена таму, рече Николоски.
Искоментира дека и покрај изборните резултати оставка не дава и директорот на ЖСРМ Инфраструктура, на ЕЛЕМ, на МЕПСО. – Треба да го видиме законот и на соодветен начин да се направи таму промената затоа што секој ден плус останување на овие луѓе е штета за државата, а мислам дека Обвинителството треба да си го преземе својот дел од работата. Она што можам да кажам е тоа дека овие три ќе бидат со менаџерски именувања и ќе бидат именувани во заеднички договор со трите партии во Владата, така ни е договорот, рече Николовски, на новинарско прашање.