Никој несака да чува овци за 2.000 евра

Во Шпанија, најголемиот производител на јагнешко месо во ЕУ, производството на ова месо паѓа поради недостигот на овчари, намалената потрошувачка и недоволната исплатливост на овчарството.

Минатогодишното производство беше за 41 отсто помалку од 2007 година, според локалното здружение на производители Pastores Grupo Cooperativo.

„На овчарите и на селата им се заканува исчезнување“, вели земјоделецот и претседател на задругата Фран Сантоларија. „Сепак, сакаме да го одбраниме и зачуваме овој сектор кој е стар повеќе од илјада години“, додава тој за Хина.

Pastores Grupo Cooperativo обединува 800 овчари од 400 села во провинцијата Арагон во североисточна Шпанија. Во тој регион се произведува 10 отсто од вкупното месо произведено во земјава.

Овчари без девојки, овци под стрес

Локалниот овчар Антонио Енфедак (61) одгледува животни онолку долго колку што се сеќава. Тој почна да се занимава со овци во 1980 година, во пресрет на влезот на Шпанија во ЕУ, кога се предвидуваше дека секторот има светла иднина.

Антонио, кому неговите два сина му помагаат да чува 3.000 овци, сега не може да најде работници. Им нуди месечна нето плата од 2.000 евра, но на пазарот нема овчари.

„Тоа не е само прошетка со овците“, објаснува тој на својата фарма во селото Вилануева де Галего. „Треба да знаете за овците, лековите и храната за нив“, додава тој.

Овчарите немаат годишни одмори или празници, работат 14 часа на ден, а студениот ветер, локално познат како „циерцо“, ги камшикува по пасиштата. Поради ваквата работа понекогаш им е тешко да најдат девојка, жена.

Овците, сепак, се под стрес бидејќи индустриските поседи на блиските градови се шират, намалувајќи ги пасиштата. Тивките места кои им се потребни на овците стануваат сè потесни поради проширувањето на патиштата со автомобили и патеките што ги користат рекреативците. „Прстенот е сè позатегнат околу нас“, предупредува Антонио.

Падот што загрижува

Со истиот проблем се соочуваат и 111.869 фарми со овци во Шпанија. Дополнителна тешкотија им создаваат новите прехранбени навики на 47-те милиони жители на земјата. Минатата година годишната потрошувачка на овчо месо падна на 0,89 килограми по жител, од 2,56 килограми во 2008 година.

Шпанците последнава година се чувствителни на цените, па можеби е многу да издвојат од 6 до 20 евра за килограм овчо месо, бидејќи им се зголемени сметките за струја, бензин и основните намирници.

„Таа капка нè загрижува“, вели маркетинг директорот Диего Франко во зградата на Pastores Grupo Cooperativo, каде што се обидуваат да откријат зошто потрошувачите ја намалиле потрошувачката. Од здружението тврдат дека се потребни поголеми субвенции од државата и од ЕУ.

Шпанската влада годинава на сточарите им платила по 14,15 евра по овца наменета за производство на месо, но тврдат дека тоа не е доволно.

Најголем производител на овчо месо во ЕУ

Шпанија е најголемиот производител на овчо месо, вклучително и јагнешкото месо, со 25 отсто учество во ЕУ. Во изминатите 20 години, државата значително инвестираше во земјоделска технологија за земјоделците да можат да произведуваат повеќе со помалку ресурси.

Шпанија усвои стратешки план за периодот од 2023 до 2027 година преку кој има намера да ги подобри директните плаќања на фармерите, при што посебно се грижи младите да продолжат да се занимаваат со одгледување овци. Овчарството е еден од земјоделските сектори во кој се одлеваат најмногу пари од ЕУ.

Истовремено, Шпанија и соседна Франција работат на истражувачки проект за откривање гени добри за репродукција со цел во иднина да има уште подобри животни со поголема продуктивност. Малите фарми од 50 овци се обединети со други, што резултира со поголеми фарми од по 500 животни за да се направи бизнисот попрофитабилен, пренесува Пословни дневник.