Новак: Војната во Украина ќе заврши на Крим, таму каде и почна

Унгарската претседателка Каталин Новак, денеска, на самитот на „Кримската платформа“ изјави дека ја признава позицијата на Украина дека војната што ја започна Русија ќе заврши само со ослободување на Крим, пишува Украинска правда. 

Спорниот полуостров е под руска контрола од анексијата во 2014 година.

-Мораме јасно да застанеме на страната на Украина и да ја осудиме неиспровоцираната агресија на Руската Федерација… Суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина не смеат да бидат доведени во прашање. Украина има право да каже: таму каде почна војната, на Крим , таму треба и да заврши – со ослободувањето на Крим, рече Новак.

Таа додаде дека Украина, која се брани, „ ја има почитта и целосната солидарност на Унгарија“. 

Полскиот претседател Анджеј Дуда во својот говор претходно истакна дека зачувувањето на целиот светски поредок зависи од тоа дали Русија ќе може да го задржи Крим по војната.

Во својот говор, литванскиот лидер Гитанас Науседа истакна дека токму од Крим започнала руската агресија врз Украина и дека Крим очигледно ќе биде местото каде што конечно ќе заврши оваа инвазија.