Новак Ѓоковиќ откри дали ќе игра на Вимблдон (видео)

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ успешно го стартуваше турнирот во Монте Карло каде убедливо со 6:1, 6:2 го совлада Роман Сафиулин од Русија.

Ноле истакна дека во однос на лани имал подобро чувство кога е играта во прашање и е задоволен како ја отворил сезоната на земјена подлога.

По мечот, Новак гостуваше во студиото на Тенис ТВ, каде што разговараше со водителот Пракаш Амритрај, кој го праша и за неговите понатамошни планови оваа година, особено што ова е година кога се играат Олимписките игри, кои ќе бидат во Париз во комплексот на Ролан Гарос.

Неодамна одредени странски медиуми дури ја објавија информацијата дека Новак Ѓоковиќ е подготвен да се откаже од Вимблдон, за да не премине од земјена подлога на трева и пак да се врати на земја за Олимписките игри. Тие дури излегоа и со теорија дека тоа е причината за прекин на соработката со Горан Иванишевиќ.

Но, Новак индиректно ги демантираше овие приказни кога одговори на прашањето што става најмногу на листата на приоритети – Олимписките игри или освојувањето на 25. Грен слем.

-Ова е олимписка година, Олимписките игри се многу ретки, секоја четврта година и како и секоја олимписка година, Олимписките игри ги ставам погоре по приоритет во однос на другите турнири каде што сакам да играм најдобро, споредено со Гренд Слемовите, кои се најголем приоритет. Тој блок меѓу Ролан Гарос, Вимблдон, Олимписките игри и УС Опен и во тие два-три месеци сакам да го играм мојот најдобар тенис и се надевам дека тоа ќе се случи – изјави Новак, кој меѓу редови потврди дека ќе игра и на Вимблдон, но и дека приоритет ќе му бидат Олимписките игри, но и Ролан Гарос.