Новиот градоначалник на Атина положи свечена заклетва

Новиот градоначалник на Атина Харис Дукас денеска положи свечена заклетва, порачувајќи дека животот во градот може да се подобри, а општината ќе биде присутна во сите населби, јави дописничката на МИА од Атина.

Истакна дека ја означуваат волјата за создавање „зелена и чиста, безбедна и креативна Атина, како што ја сонуваме“, додаде дека постојат пречки, „но тешкотиите можат да се надминат со заеднички напор“ и посочи дека за Атина да сврти нова страница, постојат три основни услови.

-Прво, сите активности треба да придонесат до еколошки почист град. Тоа значи храбри енергетски интервенции, значи значително зголемување на зеленилото. Второ, сакаме нов модел на управување со општината што ќе ја направи поефикасна. Веќе го направивме првиот чекор, доделувајќи им на сите 26 општински советници од нашата партија, како заменици градоначалници или како овластени советници, конкретна агенда на надлежности. Трето, сакаме да создадеме нов однос меѓу општината и граѓанинот воден од принципот: никаква одлука без согласност од граѓаните. Сите важни одлуки ќе се носат по јавна консултација со граѓаните, порача Дукас.

По церемонијата на положување свечена заклетва, во зградата на општина Атина се одржа и традиционалното примопредавање на функцијата во присуство на новиот градоначалник на Атина, Харис Дукас и градоначалникот во заминување Костас Бакојанис.

Свечена заклетва денеска положија и советниците во Град Атина со исклучок на поранешниот осуден пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис, кој ќе добие специјална дозвола од затворот и утре, сам ќе положи свечена заклетва.

Дукас е машински инженер и професор по енергетска политика и менаџмент на Универзитет во Атина, а на локалните избори беше предложен од ПАСОК.

Во вториот круг на средината на октомври, 43-годишниот Дукас со поддршка од ПАСОК и СИРИЗА, направи пресврт, победи со 55,96 проценти од гласовите, наспроти сега веќе, поранешниот градоначалник Костас Бакојанис од владејачката Нова демократија, кој освои 44,04 отсто.