НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АРГЕНТИНА НАЈАВИ ШОК-ТЕРАПИЈА И РАДИКАЛЕН ПРЕСВРТ – “Повеќе нема простор за кукање!“
Ново-избраниот претседател на Аргентина, ултралибералниот економист Хавиер Милеи, во својот победнички говор најави „обновување на Аргентина“ и како поборник предупреди дека нема да има полумерки.
„Историска ноќ за Аргентина“, порача Хавиер Милеи пред илјадниците свои приврзаници во изборниот штаб во Буенос Аирес.
Во вториот изборен круг во неделата, Хавиер Милеи победи со 55 отсто од гласовите над министерот за економија на Аргентина, Серги Маса.
„Ова е крајот на моделот што ја осиромашува кастата, денес го прифаќаме моделот на слободата (либертаризмот). Мора повторно да станеме светска сила“, нагласи новоизбраниот претседател на Аргентина.
„Соочени сме со огромни проблеми како што се инфлација, стагнација, немањето доволно работни места, несигурност, сиромаштија и беда“, наброја тој и нагласи: „Ќе можеме да ги решиме овие проблеми само ако прифатиме нови идеи за слобода!“.
„Нема простор за постепени мерки, за млакост и полумерки“, предупреди Хавиер Милеи, кој веќе две години се залага за шок-терапија за економијата изедена од хроничната инфлација, која се искачи на 143 проценти.
Тој им пружи рака за соработка на сите Аргентинци и на политичките лидери кои сакаат да се приклучат на „новата Аргентина“, но ги предупреди и оние кои би можеле да се спротивстават на реформите.
„Има луѓе кои ќе се спротивстават, кои ќе сакаат да ги задржат систем на привилегии што одговара на малцинството, но го осиромашува мнозинството“, предупредува тој.
Хавиер Милеи ќе ја преземе претседателската функција на 10. декември, наследувајќи го актуелниот претседател, Алберто Фернандез.
Противникот на Хавиер Милеи, Серхио Маса, го призна поразот, а претседателот Алберто Фернандез вели дека верува дека може да започне да работи со Хавиер Милеи за да гарантира уредна транзиција.
Светските лидери му честитаа на политичкиот аутсајдер Хавиер Милеи за неговата изборна победа.
„Демократијата е гласот на народот и секогаш мора да се почитува. Им честитам на аргентинските институции за спроведувањето на изборниот процес и на аргентинскиот народ кој учествуваше на денот на изборите на уреден и мирен начин. На новата Влада и посакувам среќа и успех“, изјави претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула Да Силва.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, му честиташе на Хавиер Милеи за победата, пишувајќи на социјалните мрежи дека со нетрпение очекува да изгради силна врска заснована на човекови права, демократски вредности и транспарентност.
На аргентинскиот слободар упати честитки и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп:
„Целиот свет гледаше! Јас сум многу горд на тебе. Тој ќе ја промени вашата земја и навистина ќе ја направи Аргентина повторно голема“, стои во пораката на социјалните мрежи.
Самопрогласениот анархо-капиталист Хавиер Милеи им вети на гласачите радикален пресврт: тој сака да ја укине Централната Банка на Аргентина и националната валута и да ги замени со американскиот долар, да укине многу министерства и радикално да ги намали распределбите на социјалната политика.
Радикалната програма предложена од Хавиер Милеи е особено популарна меѓу младите луѓе кои познаваат само постојани кризи во животот и се разочарани од политичкиот естаблишмент и сакаат нешто сосема ново.