Новиот претседател на Тајван вети дека ќе ја заштити земјата од „кинеските закани“

Новиот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те познат како Вилијам Лаи, по победата на денешните претседателски избори изјави дека ќе го заштити островот од „кинеските закани и заплашувања“.

„Решени сме да го заштитиме Тајван од постојаните закани и заплашувања на Кина“, рече новоизбраниот претседател, претставник на владејачката Демократска напредна партија (ДПП), во победничкиот говор пред неговите поддржувачи.

Тој му честиташе на населението за „успешниот отпор на напорите на странските сили да влијаат на изборите“.

Гласачите денеска избраа нов претседател на Тајван и нов парламент.

По кампањата обележана со силен дипломатски и воен притисок од Кина, Лаи (64) победи на претседателските избори со 40,1 отсто од гласовите, според преброените 99,9 отсто од гласовите. Тој ја презема функцијата на 20 мај.

Кина пред изборите оцени дека Лаи претставува сериозна опасност поради неговите ставови за поддршка на независноста на Тајван, кој Кина го смета за своја територија.

Неговиот главен противник, Хоу Јуи, кандидат од опозициската Куоминтанг (КМТ), кој се залага за приближување со Пекинг, доби 33,5 отсто од гласовите, а третиот кандидат Ко Венџи од малата Тајванска народна партија (ТПП). кој се претстави како противник на естаблишментот е трет со 26,5 отсто од гласовите.