НОВИ ДЕТАЛИ – Докторите откриваат нови информации за здравјето на папата Франциско: “Многу сме оптимисти“
„Здравјето на папата Франциско се подобрува откако беше хоспитализиран поради респираторна инфекција и тој продолжува да работи додека се лекува“, изјави портпаролот на Ватикан, Матео Бруни во четвртокот.
Папата Франциско (86 г.) во средата итно беше пренесен во римската болница Gemelli, каде му беше дијагностицирана респираторна инфекција која бара „неколку дена“ лекување, соопшти Ватикан.
Медицинскиот персонал е „многу оптимист“ и верува дека, доколку не се случи било каков неочекуван развој на болеста, Франциско би можел да биде отпуштен навреме за прославата на празникот „Цветници“ на 2. април, објавија италјанските медиуми, цитирајќи неименувани болнички извори.
„Цветници“ го означува почетокот на напорната недела на церемонии што води до големиот празник „Велигден“ на 9. април, најсветиот ден во христијанскиот календар, со кој се одбележува воскресението на Исус Христос.
Минатата година, поглаварот на речиси 1,4 милијарди римокатолици во светот. присуствуваше на настаните, но не водеше Велигденски служби поради болки во колената.
Доколку се повтори истото, ќе биде назначен кардинал кој ќе ја слави мисата и во тој случај Папата би можел само да ги следи обредите.
Здравјето на Франциско привлече зголемено внимание во изминатите две години, при што тој беше опериран на дебелото црево и почна да користи инвалидска количка или стап за одење поради хронична болка во коленото.
Папата, кој годинава одбележа десет години од папството, понекогаш има респираторни проблеми. Франциско како дваесет и едногодишен млад човек тешко се разболел од плеврален излив и бил на работ на смртта, а дел од крилото на белите дробови му било отстрането во 1957 година.
Во својата неодамна објавена биографија, тој се потсети на таа епизода од неговиот живот, коментирајќи и дека се сочувствува со оние кои страдаат од вирусот Ковид-19.
Последната хоспитализација на аргентинскиот папа ги оживеа шпекулациите за можна оставка од здравствени причини, по историскиот преседан на неговиот покоен претходник, Бенедикт XVI.
На прашањето на швајцарската телевизија RSI во интервју емитувано на 12. март, кој услов би го навел тој за да се пензионира, Франциско одговори:
„Замор кој не ви дозволува јасно да ги видите работите. Недостаток на јасност, недостаток на знаење како да ги процените ситуациите“.