Нови детали од судењето за убиството на Марадона

Аргентинските медиуми објавија детали од судењето за смртта на фудбалерот Диего Марадона.

Лекар кој бил сосед на фудбалерот Диего Марадона на судењето на осомничените за убиство од небрежност во неговата смрт, изјави во петокот дека во домот на фудбалерот немало дефибрилатор или други неопходни уреди за нега што му е потребна на некој кој неодамна бил опериран.

“Куќата беше многу валкана, особено просторијата во која беше Марадона. Немаше основни хигиенски услови, ниту медицинска опрема”, рекол докторот Колин Кембел, кого обезбедувањето во куќата на Марадона го повикало кога не успеале да го реанимираат, пренесува порталот Batimes.

Тој рече дека ноќта на смртта на Марадона, 25 ноември 2020 година, по пристигнувањето во неговата куќа, нашол медицинска сестра како се обидува да го оживее 60-годишниот фудбалер, но дека тој бил мртов долго време, час или два.

Судењето на осомничените за убиство од небрежност започна во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, на 11-ти март, а меѓу обвинетите се медицинските сестри на Марадона, неврохирург и психијатар.

Сведочењето на Кембел го потврдил лекарот Хуан Карлос Пинто од итната медицинска помош, кој пристигнал малку подоцна.

“Марадона беше мртов повеќе од два часа. Во неговата соба немаше ништо што би помогнало во реанимација – без кислород, без дефибрилатор”, рекол Пинто.

Дека нема медицински помагала во собата на фудбалерот потврдиле и полициските службеници кои подоцна биле повикани на местото на настанот.

Судскиот процес против седуммина членови на лекарскиот тим на Марадона се очекува да трае неколку месеци. 

На осмиот член ќе му суди посебно втора порота во јули.

Марадона почина дома во ноември 2020 година од срцева слабост на 60-годишна возраст додека се опоравуваше од операцијата за отстранување на згрутчување на крвта неколку дена претходно. 

Неговиот медицински тим ги отфрла наводите за „едноставно убиство со можна умисла“ во третманот на поранешниот играч на Бока Јуниорс и Наполи.

Ројтерс наведува дека осомничените, доколку бидат прогласени за виновни, може да се соочат со затворски казни од осум до 25 години.

Пред судот на тројца судии, од членови на семејството и лекари до пријатели и новинари, треба да се дадат повеќе од 100 изјави на сведоци. 

Инспекторите го класифицираа случајот од 2021 година како виновно убиство, кривично дело слично на убиство од небрежност, бидејќи утврдија дека обвинетите биле свесни за сериозноста на здравствената состојба на Марадона и не ги преземале потребните мерки за да го спасат.

Осомничените се психијатарот Агустина Косачов, неврохирургот Леополдо Лука, психологот Карлос Анхел Дијаз, докторката Ненси Едит Форлини, медицинската сестра Рикардо Алмирон, главната медицинска сестра Маријано Ариел Перони и клиничкиот лекар Педро Пабло Ди Спања. 

На осмо обвинетата, медицинската сестра Дахиана Мадрид, ќе и се суди одвоено во јули, објавија локалните медиуми.