Нови медицински директори на клиниките за дерматовенерологија и кардиологија

Министерот за здравство Фатмир Меџити го назначи д-р Дејан Филиповиќ за нов  в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за дерматовенерологија и д-р Беким Поцеста за нов медицински в.д. директор на Универзитетската клиника за кардиологија.

Како што соопшти Министерството за здравство, д-р Дејан Филиповиќ од 2018 година е вработен на Клиниката како специјалист дерматовенеролог и асистент по дерматовенерологија при Медицинскиот факултет во Скопје.   

Во моментот е докторанд на клиничка медицина, во областа дерматовенерологија, на Универзитет „Кирил и Методиј”, членува на Здружението на дерматовенеролози на Македонија и во Европската академија за дерматологија и венерологија.  

Новиот медицински в.д. директор на Кардиологија д-р Беким Поцеста, наведува Министерството во соопштението, е долгогодишен специјалист по кардиологија.

На Клиниката што ќе ја раководи работи од 2005 година, на одделот за интензивно лекување, како и во службата за електрофизиологија и имплантација на електростимулациски уреди.  

Во 2019 година се стекнал со звање примариус, а има искуство и како директор на Кардиологија од јули 2017 до февруари 2018 година.