НОВИ САНКЦИИ ЗА РУСИЈА: Еве што му подготвува Европската унија на Путин

Новиот пакет санкции се фокусира и на механизмите за заобиколување на веќе постоечките санкции.

Европската унија се обидува да го зголеми опсегот на санкциите против Русија со цел да ги таргетира лицата кои се вмешани во наводното киднапирање деца од Украина , изјави денеска холандскиот премиер Марк Руте. 

 Единаесеттиот пакет санкции на кој работиме ја вклучува опцијата да се таргетираат одговорните за киднапирање деца – рече Руте на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Тој додаде дека новиот пакет санкции се фокусира и на механизмите за заобиколување на веќе постоечките санкции.

Во март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин , обвинувајќи го за воени злосторства и илегална депортација на стотици деца од Украина во Русија.

Москва постојано ги негираше овие обвинувања.