Нов бран штрајкови на вработените во јавните служби во Германија

 – Нов бран штрајкови на вработените во јавните служби го блокираше денеска јавниот превоз во многу германски градови, а за следната недела се најавени нови штрајкови.

Прекинот на работата беше координиран меѓу синдикатот на вработените во јавниот сектор „Верди“ и еколошкото движење „Петок за иднината“, кои за денеска најавија протести низ Германија.

„Петок за иднината“, заедничка акција со синдикатите, со протестите во околу 200 градови сака да укаже на важноста на градскиот превоз во процесот на промена на пристапот до транспортот.

„Сакаме да укажеме на важноста на јавниот транспорт во борбата против климатските промени“, соопштија „Верди“ и „Петок за иднината“.

Активистите за заштита на животната средина бараат поголеми вложувања во јавниот транспорт и намалување на средствата за автопатиштата и автомобилската индустрија.

Во Берлин, синдикатот „Верди“ најави штрајкови на вработените во јавните служби за понеделник и вторник. Во штрајкот треба да учествуваат и вработените во болниците, базените и службите на градската администрација.

Берлинското здружение на работодавачи КАВ ги критикуваше овие штрајкови како непримерни, укажувајќи на преговорите кои се во тек.

Преговорите меѓу „Верди“ и работодавачите започнаа во јануари. „Верди“ бара зголемување на платите за 10,5 отсто за околу 2,5 милиони вработени во јавните служби, т.е. зголемување од најмалку 500 евра бруто месечно.