Руските вооружени сили во текот на ноќта извршија нов масовен напад врз енергетската инфраструктура во западна и јужна Украина, соопшти украинското Министерство за енергетика.
Објектите на Укренерго (украинскиот оператор) се оштетени во регионите на Лавов на запад и на Запорожје на југ, каде двајца работници се повредени и хоспитализирани, додава Министерството.
Во соопштението се наведува дека ова е осми масовен напад врз украинските електрани во последните три месеци, поради што често се прекинува струјата.
Русија, интензивирајќи ги своите напади, уништи половина од енергетскиот капацитет на Украина, изјави претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски и повика на поставување соларни панели и единици за складирање енергија „во секое училиште и во секоја болница, што е можно поскоро“.