НОВ УДАР ЗА ГЕРМАНСКАТА ИНДУСТРИЈА – Познат производител затвори фабрика, бара поевтина локација, а работниците во шок поради одлуката
Францускиот производител на автоделови Valeo сака да затвори дел од својата фабрика во германскиот град Бад Нојштад во јули следната година.
Германскиот синдикат на металичари наведува дека околу 300 производни работници ќе останат без работа, додека околу 200 работни места во истражување и развој ќе бидат задржани од компанијата. За ова Valeo веќе ги извести своите 500 вработени.
„Оваа вест е шок за сите нас“, соопштија од работничкиот совет.
Синдикатот наведува дека затворањето на фабриката е сериозен удар за индустријата во Баварија.
„Компанијата сака во иднина производството на електромотори да го пресели на поевтина локација“, велат од синдикатот.
Локалните медиуми, повикувајќи се на извори од компанијата, јавуваат дека во иднина производството ќе се одвива во фабрика во Полска.
Синдикатот соопшти дека не сака да ја прифати одлуката на компанијата за затворање на фабриката.
„Засега не знаеме никакви детали, сепак, ќе направиме се што можеме да им помогнеме на вработените во оваа тешка ситуација“, велат од синдикатот.
Веќе се започнати разговори со надлежните во градското собрание и окружната канцеларија.
„Заедно со политичарите, успешно се изборивме во 2010 година да ја пласираме идната технологија за електромобилност во Бад Нојштад. Нема да ја прифатиме одлуката на компанијата без борба“, нагласува синдикалниот претставник.
Во септември 2014 година, Simens ја отвори својата нова производна линија за електрични мотори за хибридни и електрични возила во Бад Нојштад. Фабриката сега му припаѓа на француски производител. Тие во моментов развиваат и произведуваат електрични мотори за Daimler и Volvo на оваа локација.