Владата на Чешка вчера замрзна недвижен имот што ѝ припаѓа на Русија и се наоѓа на чешка почва и на листата на санкции стави руска компанија која управува со имотот на земјата во странство.
„Владата го одобри замрзнувањето на рускиот државен имот во Чешка“, објави на интернет министерот за надворешни работи Јан Липавски и додаде: „Ова е крај на комерцијалните активности што Русија ги користи за финансирање на убиствата на Украинците“, додаде тој.
На компанијата, која стопанисува со рускиот државен имот, ќе и’ биде блокирана банкарската сметка, а продажбата на тој имот ќе биде спречена преку забрани во земјишните регистри.
Мерката не се однесува на руските дипломатски претставништва во Чешка, вклучувајќи ја и нејзината амбасада во Прага.
Чешка, членка на ЕУ и НАТО, е силен сојузник на Украина, која се бори против Русија.
Прага обезбеди значителна хуманитарна и воена помош за Киев и прими повеќе од половина милион украински бегалци.
Одлуката за замрзнување ја поздрави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој ја пофали Прага за преземањето на „овој принципиелен чекор“.
„Сите земји кои сè уште не го направиле тоа треба да го следат нивниот (чешки) пример“. „Руските пари треба да се користат за обновување на Украина, а не за убивање и уништување“, изјави Кулеба преку социјалната мрежа Х.