Норвешка ќе донира авиони Ф-16 на Украина

– Норвешка одлучи да донира авиони Ф-16 на Украина, објави норвешката телевизија ТВ2.

Според веста, норвешката Влада не одговорила веднаш на барањето на телевизијата за коментар и во оваа фаза не е јасно колку авиони ќе обезбеди Норвешка.

Ова доаѓа по официјалната посета на премиерот Јонас Гар Сторе на украинскиот главен град Киев, каде што се сретна со украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Сторе најави донации на противвоздушни ракети и друга опрема, но не даде изјави во врска со Ф-16.

Норвешка стана третата земја на НАТО, по Холандија и Данска, која обезбеди борбени авиони Ф-16 на Украина.

Данската премиерка Мете Фредериксен минатата недела објави дека Данска ќе испорача вкупно 19 авиони, а првите шест треба да бидат испорачани до крајот на оваа година.

Холандија во моментов има 42 авиони Ф-16, но допрва треба да одлучи дали ќе ги донира сите.

Зеленски донацијата на Ф-16 од Данска и Холандија ја нарече „договор за пробив“ што ќе помогне во контраофанзивата на Киев против руските сили.

Сепак, Москва предупреди дека снабдувањето со авиони на Украина ќе доведе до ескалација на конфликтот.