Нухи: Не сум препродавал лекови, ја наследив Клиниката со долг од 200 милиони денари поради набавена, а неплатена биолошка терапија
На никаков начин не сум си играл со судбината на пациентите и нивните семејства, не сум препродавал лекови, ниту со незаконско работење сум „билдал“ долгови на Клиниката за онкологија, рече денеска Нехад Нухи во сведочењето пред собраниската Анкетна комисија.
Нухи, кој беше организациски директор на Клиниката за онкологија од јуни 2021 до 3 април 2023 година, напомена дека ја наследил Клиниката со долг од скоро 200 милиони денари. Долгот, потенцира, бил исклучиво креиран од биолошка терапија, „претходно набавена и ненаплатена“.
Како што истакна Нухи, додека ја извршувал функцијата, цело време бил загрижен поради трендот на зголемување на долговите на Клиниката исклучиво од набавка и апликација на биолошка терапија. За време на неговиот ангажман, дополни, имало и два инцидента при кои била ангажирана полиција од него и од медицинскиот директор. Но, се работело, објасни, за изолирани инциденти во кои не биле вклучени ниту доктори, ниту кој било друг од менаџментот.
Нухи информира и дека имало моменти кога по одлука на медицинскиот директор, поради моментален недостиг, на реверс се набавувале лекови, спротивно на Законот за јавни набавки.
-Постапката за јавна набавка на биолошката терапија за 2021 година беше направена од Министерството за здравство, не од мене или од медицинскиот директор. Ова се случи неполн месец од моето назначување за в.д. директор. Јавната набавка спроведена од Министерството за здравство како групна набавка од две години, почнувајќи од август 2021 до август 2023, беше во вредност 1,5 милијарда денари за две години или по 750 милиони за година. Фондот за здравствено осигурување за 2021 година одоборил 481 милион денари буџет за биолошка терапија. До крајот на јули 2021 година долгот на Клиниката изнесуваше најмногу 200 милиони денари и ова беше наследен долг, пред моето доаѓање. За 2021 и 2022 година на Клиниката и беа префрлени 962 милиона денари, а Клиниката согласно тендерот на Министерството за здравство набави биолошка терапија за 1,501 милијарда денари со што од старт е креиран долг од 538 милиони денари и плус долгот од пред моето доаѓање од 2020 година во висина од 200 милиони денари, е околу 740 милиони денари. Минатата, 2022 година ја завршивме со долг од 748 милион денари. Значи, тој долг е пренесен од претходното работење на Клиниката, од разликата во набавката и неплатената биолошка терапија од ФЗО, подвлече Нухи.
Според него, имало моменти кога по одлука на медицинскиот директор, поради моментален недостиг, на реверс се набавувале лекови што е спротивно на Законот за јавни набавки.
-Од страна на лекарите и медицинскиот директор бев непобитно уверен дека доколку дојде до прекин на примање на терапијата, терапијата може да биде неефикасна и пациентите да починат. Од друга страна, докторите и медицинскиот директор ме уверија дека не може на помал број пациенти да ја дадат оваа терапија за да не се зема на реверс, бидејќи тие не се богови и не можат да бираат на кого ќе му ја дадат, а кого ќе одбијат. Друга опција беше да се прави листа на чекање на пациенти кои додека да стигнат на ред, може да ја загубат битката со ракот. Одлучив да се борам за што поголеми буџети за набавка на терапија за да биде достапна во секое време за сите пациенти кои имаат потреба од неа. Не сум потпишувал реверси како директор, не сум премолчил како човек, со цел да се спасат човечки животи, а не да се изгубат поради тотално несоодветни процедури во 21 век и недостапејн лек, рече Нухи.
Новинарските текстови во „Фокус“ за наводно корумипирано работење на Клиниката, особено го потресле, а со оглед дека бил и лично прозван, веднаш, како што потсети, испратил демант кој бил објавен.
-Оваа вест беше во фокусот на јавноста и јас од една политичка партија и од страна на некои медиуми бев прикажан како наголем криминалец, како јас да сум одлучувал кој пациент ќе добие биолошка терапија, а кој не, па дури некои медиуми одеа дотаму што ме клевета дека сум продавал биолошка терапија во Косово што е неточно и лажно тврдење со лоша намера за да ми се наштети мене, на мојот углед и чест. Од оваа Анкетна комисија и од Обвинителството очекувам да добијам одговор дали причината за ваквото клеветење е од политичка или од некоја друга причина, нагласи Нухи.