Полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера влегле во Судскиот совет, за да обезбедат докази односно два записници кои треба да се проверат поради сомнежи за евентуално сторено кривично дело поврзано со мандатот на претседателката во заминување, Весна Дамева, потврди Јавното обвинителство.
-Постапувањето на обвинителството не е поврзано со формираниот предмет за црната листа на САД, туку се однесува на известување од МВР во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Судски совет во врска со мандатот на Дамева, информираа од Јавното обвинителство.
Премиерот Христијан Мицкоски на 28 ноември од собраниската говорница, одговарајќи на пратенички прашања, рече дека континуирано добива информации за тоа што се случува во Судскиот совет.
-Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама, добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи, посочи Мицкоски.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева на 2 декември поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Советот, кој сега останува да функционира без претседател, откако изборот за нов претседател беше одложен.
Дамева, како причина за оставката, го наведе „немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта“.