Обвинителството на БИХ издаде наредба за истрага против Додик поради објавување контроверзни закони во РС

Обвинителството на БиХ издаде наредба за спроведување истрага против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, поради донесување указ за објавување во Службен весник на РС на законите донесени од Народното собрание на РС, кои претходно беа поништени од високиот претставник, Кристијан Шмит.

Наредбата го опфаќа вршителот на должноста Службен весник на РС, Милош Лукиќ, кој ги потпишал контроверзните закони објавени во Службен весник на РС.

„Во Обвинителството на Босна и Херцеговина, во споменатиот случај, формиран е тим од тројца обвинители, кои заедно со Агенцијата за истрага и заштита (СИПА), како и други безбедносни и полициски агенции, преземаат активности предвидени со закон, чии резултати ќе бидат соопштени на јавноста“, изјави Борис Грубешиќ, портпарол на Обвинителството на Босна и Херцеговина.

Како што е најавено, по наредба на Обвинителството на Босна и Херцеговина, покани за распит ќе бидат испратени до Додик и Лукиќ, бидејќи претходните денови беше собрана целата потребна документација.