Обвинителството ќе вложи жалба на висината на казната одредена за Шукри Зеќири од Скопје, 21-годишниот возач кој на 12 октомври на булеварот „Никола Карев“, на делот познат како „Пластичарска“ удри десетгодишно дете кое од ударот почина на самото место, а тој избега и денеска беше осуден на единствена казна затвор од две години и три месеци, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје за МИА.
Казната денеска во Основен кривичен суд му ја одреди судијката Марија Клетничка, а тој беше гонет за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и кривично дело „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.
– Согласно законот, за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ е предвидена казна затвор во траење од една до пет години, па за наведеното кривично дело судот му утврдува казна затвор во траење од 2 години, и сторил едно кривично дело за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од КЗ, за кое кривично дело согласно законот е предвидена парична казна или затвор до една година, па за наведеното кривично дело судот му утврдува казна затвор во траење од шест месеци, рече судијката.
Дополни дека судот обвинетиот Шукри Зеќири го осудува на единствена казна затвор во траење од две години и три месеци.
– Согласно член 47 од КЗ во наведена казна затвор во траење од две години и три месеци на обвинетиот му се засметува секое лишување од слобода по однос на предметните кривични дела, како и времето поминато во куќен притвор сметано од 12.10.2023 година од 17:25 часот до правосилноста на пресудата врз основа на признание на вина на Основен кривичен суд Скопје КБР 2083/23 од 15.11.2023 година но најдолго 60 дена сметано од 15.11.2023 како ден на објава на пресудата, појасни Клетничка.
На обвинетиот, судијката му одреди и казна забрана за управување со моторно возило во период од три години со што времето поминато во затвор не се смета во казната и му ја продолжи и мерката куќен притвор сѐ до правосилноста на пресудата.
Како што образложи судијката при денешната пресуда, Судот како отежнувачки околности при изрекувањето на пресудата ги земал зачестеноста на овие кривични дела, степенот на кривичната одговорност на обвинетиот и објектот на зашитита кога како жртва во конкретниов случај се јавува 10 годишно дете кое прерано го загуби својот живот, како и исклучителната болка која е предизвикана кај членовите на неговото семејство.
– Околноста дека обвинетиот по случувањето воопшто не застанал да види дали може да укаже лекарска помош или да повика брза помош и со самото тоа евентуално спасување на животот на жртвата, околноста што обвинетиот го управувал возилото со брзина од 76 километри на час, која е повисока од законски пропишаната брзина од 50 километри на час, на место каде што нема одбележан пешачки премин на растојание од 100 метри, каде што нема заштитна ограда а има голема фреквенција на пешаци, појасни Клетничка.
Додека, како олеснувачки околности ги зема личните прилики на обвинетиот, особено, како што рече, возраста на обвинетиот, која е млада личност на возраст од 21 година, неговата материјална, социјална и семејна положба, околноста што обвинетиот не е осудуван, и против него не се водат постапки за други кривични дела како и неговото целосно признание на вина со кое, според неа, придонеч кон брзо решавање на постапката како и каењето и жалењето на обвинетиот.
– А и околноста што одреден степен на вина во сообраќајната незгода е најдено и на страна на жртвата која започнало да преминува попречно преку коловозот со трчање од лево кон десно, гледано во насока на движење на патничкото моторно возило, на место на кое нема обележан пешачки премин, во ситуација која на растојание помало од 100 метри нема обележан пешачки премин без да обрне внимание на возилата кои се движат по булеварот, рече судијката.
Во изјава за медиуми по пресудата, таткото на жртвата изјави дека очекувале дека казната треба да биде над 10 години.
– Повеќе да е од 10. Да изгубиш дете со две години, ова не е реално. Се знае кога губиш дете како се чувствуваш. Од тоа нема повеќе тежина. Не му посакувам на никому ова да му се случи. Ама ако имаме држава треба правилно да се суди, рече тој.
Процесот го води судијката Марија Клетничка, а застапник на обвинението е обвинителот Даниел Коцев.