ФОТО | ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ВО ИСЛАНД – Земјата буквално се отвара, се очекува голема ерупција: Дали ќе се повтори ситуацијата од 2010 година !?

Една од вулкански најактивните земји во светот прогласи вонредна состојба поради најновата закана од ерупција.

Околу 4.000 луѓе се евакуирани од своите домови во Гриндавик, градот кој е најзагрозен поради неговата непосредна близина до вулканот Фаградалсфјал на полуостровот Рејкјанес. Веќе една недела Исланд е сеизмички хиперактивна област, а жителите секојдневно чувствуваат по неколку стотици потреси. Популарната туристичка атракција „Blue Lagoon“ е затворена од петокот.

Blue Lagoon

Целиот остров е во тензично исчекување бидејќи експертите велат дека земјотресите кои со денови се активни под површината се најава за голема вулканска ерупција, која може да се случи „во секој момент“.

Во близина на Гриндавик се појавија огромни дупки, а воздушните снимки објавени од крајбрежната стража покажуваат пукнатина што поминува низ центарот, исфрлајќи чад додека магмата се приближува до површината. Набрзина се градат одбранбени ѕидови околу блиската геотермална централа, за која се надеваат дека ќе можат да ја заштитат од течението на лава.

слика
Расцепот што минува низ Гриндавик

За многу локални жители, најновиот развој на настаните потсетува на катастрофалната експлозија на друг исландски вулкан, Ејафјалајокул, во 2010 година. Сеизмичката активност на тој вулкан започна на крајот на 2009 година и доведе до кулминација, односно ерупција на 29. март 2010 година. Тоа беше првата ерупција на тој вулкан по речиси 200 години.

Втората ерупција започна на 14. април, а огромниот облак од пепел што го создаде доведе до најголемото нарушување на воздушниот сообраќај во европската историја предизвикано од природна катастрофа. Милиони патници тогаш беа заглавени на аеродромите од 15. април.

Научниците дадоа проценки за Daily Mail за новата ерупција и дали може да се спореди со Ејафјалајокул.

д-р. Дејв Мекгарви, вулканолог од Универзитетот „Ланкастер“, рекол дека огромниот облак од пепел што го видовме пред 13 години веројатно нема да се повтори.

Можната ерупција што ќе резултира од сегашните потреси на земјата нема да доведе до нарушувања како ерупцијата на Ејафјалајокул во 2010 година“, смета тој.

Во ерупциите на полуостровот Рејкјанес доминира производството на базалтна лава со само мало производство на пепел, додека на ерупцијата на Ејафјалајокул во 2010 година доминира производството на пепел“, тврди тој.

Тој оценува дека е многу малку веројатно последната ерупција да предизвика нарушување во трансатлантскиот воздушен сообраќај.

Иако главниот град на Исланд, Рејкјавик, е далеку од опасната зона, аеродромот „Кефлавик“ во Исланд се наоѓа на околу 17 километри северозападно од активната област. Авиосообраќајот на „Кефлавик“ моментално се одвива непречено.

Сепак, како мерка на претпазливост за домашни и меѓународни воздушни летови, шифрата за боја за летовите до полуостровот Рејкјанес сега е портокалова (зголемена активност).

Портокаловото предупредување претставува ограничена закана за авијацијата. Следната фаза е црвена и нивото се подига доколку дојде до вулканска ерупција која може сериозно да влијае на воздушниот сообраќај.