Обвинителство: Граѓаните кои имаат докази за работата на „Пулс“ треба да ги споделат со истражните органи

Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите оние кои имаат лични сведоштва за пожарот, информации и докази во врска со работата на клубот „Пулс“ во Кочани и поврзаните компании, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни за преземање мерки, да ги споделат со Обвинителството.

„Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб-страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) е објавен образец преку кој можат да се регистрираат за да достават податоци и информации што ги сметаат за важни за истрагата. Пополнетиот образец треба да се испрати електронски на следната наменска адреса: [email protected].“

„Врз основа на формата и важноста на податоците, подносителите на барањето ќе бидат контактирани од страна на истражниот тим“, велат од Обвинителството.

Обвинителството информираше и дека обвинителскиот тим што се занимава со случајот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува интензивно да презема испрашувања и вештачења, од кои поголемиот дел од прелиминарните резултати се очекуваат во наредните денови.

Во истрагата е вклучен максимален капацитет од сите истражни органи и се вклучени десетици експерти од различни области.