Обединети нации: “Денешниот конвој со хуманитарна помош за Појасот Газа не треба да биде последен“

Првиот конвој со хуманитарна помош што денеска влезе во Појасот Газа не треба да биде последен, предупреди првиот човек на хуманитарната организација на ОН, Мартин Грифитс.

Дваесет камиони со помош од Египет влегоа во Газа, која е под израелска опсада и гранатирање.

Убеден сум дека овој товар ќе биде почеток на постојаните напори за снабдување со основни добра – првенствено храна, вода, лекови и гориво – на жителите на Газа, на безбеден, безусловен начин без пречки“, кажа тој.

Денеска, според египетските медиуми, во камионите имало храна и медицинска помош, но не и гориво, кое е неопходно во Појасот Газа, чија единствена електрана не работи.

Камиони со хуманитарна помош денеска почнаа да влегуваат во Газа преку преминот Рафах, на границата со Египет, за првпат од почетокот на конфликтот пред 15 дена.