О’Брајан: За стабилност и безбедност на Западен Балкан неопходна е европска и економска интеграција

Ова, според помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, значи дека на овие земји им е потешко да креираат економски можности што нивното членство во Европската Унија може да им ги донесе. Оттука, како што вели, за Западен Балкан да биде стабилен и безбеден, пред сѐ е потребна економска интеграцијa.

На Западен Балкан му е потребна европска, но пред сè економска интеграција зашто најголем дел од популацијата во овие земји се сели во Европа и на други места. Ова го изјавил Џејмс О’Брајан, помошник-државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, на синоќешниот новинарски брифинг.

Ова, според О’Брајан, значи дека на овие земји им е потешко да креираат економски можности што нивното членство во Европската Унија може да им ги донесе. Оттука, додава тој, за Западен Балкан да биде стабилен и безбеден, пред сѐ е потребна економска интеграција.

Според О’Брајан, процесот за пристапување во ЕУ е процес за подготовка не само за интеграција во Унијата, туку и подготовка за носење политички одлуки заедно со другите земји членки.

„Во основа ќе им ги овозможи на луѓето четирите слободи: слободата на движење на ЕУ, слобода на капитал, слобода на услуги, слобода на стоки и тоа е критичен чекор што секоја од овие земји и секое од овие општества го отвора за прекугранична соработка во рамките на Западен Балкан, но и за ангажман со единствениот европски пазар. Тоа е повеќе од она што може да го обезбеди кој било пакет помош. Тоа е фундаментална промена во начинот на кој овие земји се ангажираат со нивните соседи и со Европа, и е достапна веднаш штом секоја влада ќе преземе реформи. Ние ќе ги поддржуваме напорите на ЕУ да се движи по овој реформски пат и да ги испорача тие придобивки од пристапот до единствениот пазар што е можно поскоро“,рекол О’Брајан.

Говорејќи за состојбите во Западен Балкан, американскиот дипломат се осврна и на состојбата со Косово и Србија, потенцирајќи дека позицијата на САД не е променета по однос на ова прашање.

„Силно ги поддржуваме напорите за дијалог помеѓу Србија и Косово предводени од Мирослав Лајчак и ЕУ“,рече тој и додаде дека многу е важно двете земји да избегнуваат какви било провокативни акции на северот од Косово.