Објавена нова снимка од вооружената група која ја нападна косовската полиција, дел од групата е и Милан Радојчиќ

– Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, објави неколку нови снимки од манастирот Бањска во Општина Звечан, каде дел од групата што ја нападна косовската полиција се наоѓа во просториите на манастирот.

Во објавената снимка, Свечла преку социјалните мрежи нагласи дека и Милан Радојчиќ, потпретседателот на најголемата српска партија на Косово, Српска листа, е дел од црната листа на САД и Обединетото Кралство.

„Главниот криминалец Радојчиќ беше водач на оваа терористичка група и на нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Ова е уште еден доказ за неговата терористичка активност против Република Косово. Потпретседателот на Српска листа е водач на терористичкиот напад и групата терористи“, нагласи Свечла.

Тој истакна дека мапата на терористичкиот напад секојдневно се разјаснува, и додаде: „Александар Вучиќ преку Српска листа, а тие преку нивниот потпретседател Радојчиќ, ја презеле терористичката акција против правниот и уставниот поредок на Република Косово, обидувајќи се да ја дестабилизираат нашата република.“

„Значи Српска листа го гледа своето учество во Косово само на терористички начин. Не успеаја“, додаде Свечла.

Тој нагласи дека деновите на жалост што денеска ги објави Србија и Српска листа „веќе се печат на авторството на овој акт“.

Во неделата во раните утрински часови по напад на единицата на косовската полиција, убиен е полицаецот Африм Буњаку.

Исто така, според косовските власти, бројот на убиените од терористичката група достигна четири.