– Американските медиуми објавија аудиоснимка на која, според наводите, се слуша како поранешниот претседател Доналд Трамп за време на состанок во 2021 година се фали дека има доверлив документ.
Во речиси двеминутната снимка што ја објави Си-ен-ен, Трамп признава дека од релевантните документи не ја тргнал ознаката за тајност пред заминувањето од функцијата.
Разговорот се одржа во неговиот голф-клуб во Бедминстер, Њу Џерси, со двајца вработени, издавачот и писателот на неговата претстојна книга.
Трамп зборуваше за чување таен документ на Пентагон со планови за напад на Иран, цитирајќи го Марк Мили, првиот човек на Генералштабот на американската војска.
„Па, со Мили – дозволете ми да го видам тоа. Ќе ви покажам пример“, се слуша како вели Трамп.
„Тој рече дека сакам да го нападнам Иран, зар не е неверојатно? Имам голем куп хартии. Оваа работа само што се појави, погледнете ја. Ова беше тој. Ми го претставија ова“, изјави Трамп, преместувајќи ги хартиите.
„Тоа е како високо доверливо, тајно. Ова е доверлива информација. Погледнете, погледнете го ова. Напаѓате и…“, изјави Трамп.
„Видете, како претседател, можев да ја тргнам тајноста, но сега не можам, знаете. Но ова е класично. Зар не е интересно? Многу е кул“, вели Трамп во снимката.
Трамп се изјасни дена не е виновен по 37 точки од обвинението, поднесени од федералните обвинители на 14 јуни, поврзани со неговото наводно задржување доверливи владини документи откако ја напушти функцијата.
Објавената аудиоснимка беше вклучена во доказите на обвинителството против Трамп.