Ова е „зелениот принц“ на Хамас: Синот на основачот на исламското движење со години беше најважниот израелски шпион, а сега е Христијанин (фото/видео)

Нападот на палестинското екстремистичко движење Хамас врз Израел и одмаздничките воздушни напади врз Појасот Газа кои наскоро би можеле да прераснат во копнена офанзива го свртеа вниманието на светот на многу работи поврзани со овие исламисти.

Така, на социјалната мрежа Х се појави видео од старо интервју кое во 2014 година го дал Мосаб Хасан Јусеф, син на основачот на Хамас, шеикот Хасан Јусеф и поранешен израелски затвореник.

Помладиот Јусеф (45), од кој татко му се одрекол, за време на престојот во затвор ја сменил страната и од 1997 до 2007 година десет години работел во израелската тајна служба Шин Бет, задолжена за внатрешна безбедност.

Во 2010 година, израелскиот весник Хаарец објави, а Си-Ен-Ен пренесе дека Јусеф бил „највредниот извор на еврејската држава од раководството на екстремистичка организација“.

Информациите што ги даде Јусеф беа толку важни и спасија толку многу животи што шефовите на Шин Бет му го дадоа прекарот „Зелениот принц“ поради неговата врска со основачот на Хамас и бојата на знамето на исламистичкото движење.

,,Зелениот принц“ беше клучен во апсењето на неколку највисоки палестински функционери, меѓу кои и Марван Баргути, лидер на движењето Фатах, како и членовите на военото крило на Хамас, Абдула Баргути и Ибрахим Хамид.

„Тајмс оф Израел“ во 2014 година пишуваше за интервју што „Зелениот принц“ го дал за Си-Ен-Ен таа година. Во тоа време тој веќе ја променил верата, станал христијанин и побегнал во Америка, каде што добил политички азил, а четири години подоцна станал и американски државјанин.

Тој се истакна како отворен критичар на Хамас, па американската телевизија го покани да гостува во емисијата во која рече дека човечкиот живот не значи ништо за исламистичките владетели на Појасот Газа.

– Хамас не се грижи за животите на Палестинците, животите на Израелците или Американците, не се грижат ни за сопствените животи… Во џамиите, Хамас ни порача дека без да пролееме невина крв заради идеологијата, ќе не може да изгради исламска држава. Така нè хранеа кога имавме пет години – изјави Јусеф, кој ја напиша книгата „Зелениот принц“, врз основа на која е снимен и филмот.

„Њујорк пост“ објави напис за Јусеф пред две години кога, по постигнатиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, тој рече дека еврејската држава треба да ги убие водачите на оваа екстремистичка организација.

– Убиството на раководството на Хамас нема да го уништи Хамас, но ќе им оддржи лекција – изјави тогаш „Зелениот принц“.