Витаминот Ц го има не само во овошјето, туку и во многу видови зеленчук, а е познат по неговото влијание врз зајакнувањето на имунитетот, заштитата на кожата и силната антиоксидантна активност.Внесувањето на овој витамин е корисно во текот на целата година, особено во зимските месеци кога почесто се јавуваат настинки и воспаленија. Како што пренесува порталот Eating Well, препорачаната дневна доза на витамин Ц е 90 милиграми за возрасни мажи и 75 милиграми за возрасни жени.
„Без доволен внес на витамин Ц, луѓето ризикуваат ослабен имунолошки одговор, побавно зараснување на раните, зголемена подложност на инфекции и долгорочни здравствени компликации бидејќи телото не може сам да го произведе овој витамин“, изјави диететичарот Саманта Пиблс за Eating Well.
Пиблс и нутриционистката Еми Брајт ги избраа најдобрите видови зеленчук богати со витамин Ц кои треба почесто да се вклучуваат во оброците.
Жолтата пиперка е зеленчукот со најмногу витамин Ц, со дури 322 милиграми во само една свежа пиперка. Оваа количина покрива 380 проценти од препорачаната дневна доза за возрасни, што го прави одличен избор за надополнување на овој витамин.
Исто така, жолтите пиперки се богати со антиоксиданси како што се бета-каротен и ликопен, кои помагаат во намалување на воспалението и го поддржуваат здравјето на срцето.
Брокулата содржи 101 милиграм витамин Ц по чаша, што покрива 112 отсто од дневните потреби. Овој зеленчук е богат и со други хранливи материи кои имаат антиканцерогени својства, како и со витамин К, фолна киселина и растителни влакна. Покрај тоа, бриселското зелје е исто така богато со витамин Ц, а една шолја од овој зеленчук содржи 97 милиграми витамин Ц.
Нутриционистката Еми Брајт изјави за Eating Well: „Бриселското зелје е природен извор на моќни антиоксиданси кои го намалуваат воспалението и го поддржуваат здравјето на срцето. Покрај тоа, тие се богати со витамини кои помагаат да се намали нивото на холестерол и шеќер во крвта“.
Карфиолот е зеленчук кој може да се комбинира на различни начини, а меѓу хранливите состојки што ги содржи е и витаминот Ц. Доматот е исто така зеленчук кој содржи многу витамин Ц, а покрај тоа, една од придобивките е и намалување на ризикот од мозочен удар и кардиоваскуларни заболувања.
Нутриционистите го издвоија кељот кој содржи 20 милиграми витамин Ц по чаша или 22 отсто од препорачаната дневна доза. Кељот содржи и витамин К, кој е клучен за згрутчување на крвта и здравјето на коските, како и антиоксиданси кои го поддржуваат здравјето на очите.
За да се задржи повеќе витамин Ц, се препорачува зеленчукот да се јаде сиров, но доколку одлучите да го готвите, користете методи кои ја намалуваат изложеноста на топлина и вода, како што е парењето.