Откако пред неколку месеци раководството на ДУИ се подели на два дела (ДУИ/Огнени) сè погласни беа шпекулациите дека ,,лидерот на Огнените” и Градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, ќе формира нова партија.
Експертите тврдеа дека ова е начин за Меџити да му се одмазди на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, со тоа што на контото на партијата на Меџити ќе ,,легнат” гласови главно од симпатизерите на ДУИ и така ќе ја намали моќта и на ДУИ и на Ахмети..
Во врска со формирањето на политичка партија која Огнените долго време ја најавуваа се појавија нови информации.
Пратеникот и поранешен висок функционер на ДУИ Изет Меџити одбра име на новата политичка партија. Ќе се вика Демократско движење, а следната недела и официјално ќе биде промовирана.
„Името беше објавено денеска по завршувањето на рокот за давање идеи од граѓаните преку онлајн платформата www.lëvizja.mk. Инаку, партијата Демократско движење официјално ќе биде промовирана на 13 август“, пишува 360 Степени.
Меџити беше еден од предводниците на „огнената група“ во ДУИ која јавно изрази револт од актуелните функционери на оваа партија на чело со првиот вицепремиер Артан Груби. Откако имаше разидувања и во редовите на „огнените“ кога дел од нив се спротивставија на формирање нов политички субјект, Меџити со останатите го најави формирањето на новата партијата.
И во Собранието заедно со Мерита Коџаџику, тој излезе од пратеничката група на ДУИ и двајцата сега дејствуваат како независни. Со нив е и Кастриот Реџепи кој по разидувањето со Беса првично дејствуваше како независен, а набргу потоа се приклучи кон пратеничката група на интегративците.
Со новата политичка партија, Меџити планира да учествува на наредните избори и при најавата:
„Со денешниот ден има иницијатива за формирање ново политичко движење, опозициско, и ова мислам дека за првпат се случува некој заради убедување од позиција на власт да премине во опозиција. Ова е доволен факт и аргумент дека ние сме сериозни и искрени во нашите намери и формирањето на новото политичко движење кое ќе биде опозициско се аргументите дека сме истрајни и транспарентни во нашето делување“, се наведува во најавата.
13 август е одбран за датум за официјална промоција на Демократско движење со оглед дека тоа е денот кога 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор.