Откако пред некој ден Градоначалникот на Општина Чаир и лидер на ,,огнените”, Изет Меџити ја најави промоцијата на новооформената политичка партија, се чини дека, несогласувањата започнале уште пред таа официјално да биде претставена пред македонската јавност.
Иако беше еден од водачите на „огнената група“ во ДУИ, поранешниот партиски потпретседател Невзат Бејта одби да се приклучи на новата партија на Изет Меџити и повторно му даде доверба на Али Ахмети, пишува Курир.
Инаку, Бејта денеска го придружуваше Ахмети во реканскиот крај, каде се одржа централната манифестација „Средби на Горна Река“ во организација на Културното друштво „Горна Река“.
-На ова наследство му припаѓа и Скендербег. Река е значајно место за нас кое мора да се чува со фанатизам и сакам да ја охрабрам и посакувам Здружението на Река да ја зачува и унапредува културата, фолклорот и говорниот јазик на Река. Овој говор е многу важно наследство на Албанците не само во Македонија бидејќи Река допира три граници Албанија, Косово и Македонија – изјави Ахмети.
Инаку, против враќањето на Бејта во ДУИ јавно се изјасни спикерот Талат Џафери.
-Секој ден кога почнувате со работа, погледнете се себе си во огледало и не заборавајте од каде доаѓате. Како не му е срам да се врати во партијата по сите критики на јавните излегувања – изјави Џафери во интервју за ТВ 21.