Одземен пратеничкиот мандат на поранешниот вицепремиер Ахметај, СПАК може да го апси, но тој е надвор од земјата

 – Албанскиот парламент му го одзеде пратеничкиот мандат на Арбен Ахметај, поранешен вицепремиер, со што се отвора патот за негово апсење, што го побара Специјалното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

На седницата присуствуваа 120 од вкупно 140 пратеници, при што за одземање на мандатот гласаа 117, додека тројца се воздржале од гласање, и тоа Фатмир Медиу, лидер на Републиканската партија, Агрон Дука на Аграрната и Ванѓел Дуле, на Партијата за заштита на човековите права (партија на грчкото малцинство).

Ахметај, кој се товари за злоупотреба на службната положба, пасивна корупција, перење пари и лажно пријавување и прикривање имот, минатиот петок ја напуштил земјата и не се знае каде престојува, иако постои сомнеж дека е во Канада, каде се подготвува да побара азил.

Само во доделување тендери за изградба на објекти за горење отпад-инценатори, добил повеќе од 500 илјади евра, две луксузни вили, скапи патувања.

Во првата негова реакција во порака за една ТВ емисија ги отфрли сите обвинувања, велејќи дека „ќе зборува само кога сите ќе сфатат дека тоа нема никаква поврзаност со процедурата“ и оти ќе се покаже пред јавноста на неговата земја кога вистината ќе излезе на виделина.

Пред денешната седница тој во објава на Фејсбук, откако ги отфрла сите обвинувања и дава образложение како максимално бил ангажиран за доброто на граѓаните и како неговата поранешна сопруга и сегашната партнерка станале сопственички на луксузни вили, додава дека одлуката за негов прогон е политички мотивирана.

Ахметај (54) беше еден од најмоќните луѓе во владејачкото социјалистичко мнозинство, најпрво беше министер за финансии, а по катастрофалниот земјотрес што земјата ја погоди во ноември 2019 година беше наименуван за вицепремиер за обнова.

Премиерот Еди Рама, кој присуствуваше на почетокот на седница, а ја напушти само што на собраниската говорница излезе демократот Сали Бериша, повторно се врати за процесот на гласање.

И покрај барањето на опозицијата, тој не зборуваше на седницата, а не даде изјава ниту за медиумите. Кусо по завршување на седницата на Твитер најави дека за ова прашање на јавноста ќе и се обрати денеска во 18:30 часот.