ОДИХР: На локалните избори во Србија негативно влијаеја притисоците и злоупотребата на државните ресурси и медиумите
Локалните избори, што се одржаа во 89 градови и општини во Србија, беа добро спроведени и на гласачите им беа понудени различни политички алтернативи, но на изборниот процес негативно влијаеа широките притисоци врз вработените во јавниот сектор, злоупотребата на државните ресурси и медиумите кои го фаворизираа владејачката коалиција, изјави денеска во Белград шефот на Набљудувачката мисија на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Ламберто Заниер.
Презентирајќи ги прелиминарните заклучоци на набљудувачката мисија на ОДИХР за вчерашните локални избори во Србија, Заниер на прес-конференцијата рече и дека изборниот ден „генерално поминал без проблеми, но дека прашањата поврзани со тајноста на гласањето, бројните процедурални проблеми, наводите за притисоци и купување гласови, како и изолирани случаи на насилство“.
„Набљудувачите на ОДИХР негативно го оценија гласањето во седум проценти од набљудуваните избирачки места поради честото нарушување на тајноста на гласањето, како и поради организацијата на самите избирачки места. Набљудувачите посочија и неколку примери на сериозни нерегуларности, меѓу кои случаи на купување гласови и притисок врз гласачите, како и процедурални недостатоци како групно гласање и гласање преку посредници“, рече Заниер.
Тој изјави дека се почитувала основната слобода на изразување и собирање и дека на гласачите им се нуди широк спектар на опции за гласање што претставуваат широк спектар на политички опции, но додаде дека доминацијата на владејачката партија и фрагментацијата на опозицијата „ја намалиле конкурентноста во изборите“.
„Употребата на различни имиња и броеви за списоците на опозицијата и неколку списоци со слични имиња, кои наводно биле објавени за да ги збунат гласачите, влијаеше на способноста на гласачите да донесат целосно информирана одлука за кого да гласаат“, додаде Заниер.
Тој додаде дека разновидната медиумска сцена во Србија е „длабоко поларизирана“ и дека „забележано е селективно медиумско покривање, при што приоритет им беше даден на теми од национално значење во однос на локалните прашања, што ги ограничи информациите на гласачите за теми поврзани со локалните избори“.
„Медиумите на јавниот сервис беа првенствено фокусирани на претседателот, владата и владејачките партии, додека на опозицијата и дадоа пристап до медиумите во последните десет дена пред денот на изборите. Националните приватни даватели на медиумски услуги во голема мера ги фаворизираат јавните функционери и владејачките партии. а од друга страна маргинализираат и често негативно известуваат за опозицијата“.
Заниер рече дека изборната правна рамка обезбедува соодветна основа за спроведување на демократски избори, но дека се потребни понатамошни реформи за да се земат предвид неспроведените препораки на ОДИХР. Тој додаде дека многу соговорници на набљудувачите на ОДИХР изразиле недоверба во точноста на Единствениот избирачки список поради обвинувањата дека во него има починати лица и дека гласачите биле префрлени да гласаат пред претходните избори.
„И покрај мерките што беа воведени за да се елиминира загриженоста за наводната организирана миграција на гласачите на претходните избори, многу актери сметаа дека овие мерки не се доволни и изразија недоверба во точноста на избирачкиот список“, рече тој.
Тој исто така рече дека „неколку клучни препораки на ОДХИР се уште не се земени предвид, вклучително и оние кои се однесуваат на обезбедување еднакви услови за учество на изборите, мерките за спречување на злоупотреба на административни ресурси, следење на медиумите и финансирање на активностите на кампањата“.
Заниер посочи дека членовите на парламентарната работна група, составена од претставници на владејачките партии, опозицијата и граѓанското општество со цел да се справат со сите претходни препораки на ОДИХР, не се согласиле на ниту еден предлог пред денот на изборите, пренесе Бета.