Од банка подигнала 1,3 милиони евра! Полицијата трага по жена која со фалсификувана лична карта извршила невиден грабеж

Полицијата трага по жена која на 12 април со фалсификувани документи на клиент на Ловќен банка и’ подигнала 1,3 милиони евра од сметката!

Според информациите на „Вијести“, таа банкарска институција ја известила полицијата ден подоцна, кога Будванката М.О. рекла дека не барала да и’ бидат исплатени парите што ги чувала во банка.

Од Управата на полицијата неофицијално велат дека тогаш било утврдено дека парите му ги дале на лице кое приложило фалсификувана лична карта на име М.О.

Наводно, измамничката на 11 април најавила дека ќе ги повлече заштедите во филијалата на банката во Херцег Нови, од каде, со оглед на големата сума, била информирана кога да дојде.

Еден ден подоцна влегла во банката со ранец, ги зела парите и си заминала.

Измамата била откриена кога досиејата биле испратени во седиштето на банката во Подгорица, од каде стапиле во контакт со клиентот, кој ги известил дека не дошла во Црна Гора повеќе од една година.

– По наредба на обвинителот се работи за откривање на неидентификуваното лице кое ја извршило измамата. Зедени се снимките од надзорните камери на кои јасно е забележан сторителот, неофицијално соопштија од полицијата.

Се огласи и банката.

Според истите информации, внатрешна истрага се води и во Ловќен Банка. Банката соопшти дека непознато лице со употреба на фалсификувани документи на штета на еден нивен клиент извршил кражба.

Тие рекоа и дека ги известиле надлежните за настанот и дека ќе дадат максимален придонес за откривање на виновниците.

– Преземени се сите мерки за целосна заштита на повредениот клиент, со напомена дека се работи за изолиран случај кој е покриен со полиса за осигурување и кој не може да влијае на редовното функционирање на Банката – соопштуваат од банката.