Од Малезија полета авионот со норвешкиот крал Харалд, кому му беше вграден пејсмејкер

Авион за кој се верува дека го превезува норвешкиот крал Харалд денеска полета од Малезија, еден ден откако на кралот му беше вграден привремен пејсмејкер.

Најстариот монарх во Европа беше однесен во болница поради инфекција за време на приватен одмор во Малезија во североисточното малезиско островско одморалиште Лангкави, соопшти во вторникот кралската палата.

Како што подоцна информира кралската палата, кралот вчера бил опериран во болницата Султана Малиха и му бил вграден привремен пејсмејкер поради слаб срцев ритам.

Норвешките медиуми јавија дека Харалд отпатувал во Малезија со сопругата кралицата Соња за да го прослави својот 87 роденден.

Медицинскиот авион за евакуација на Скандинавиан Ерлајнс кој полета од Осло во четвртокот пристигна во Лангкави во петокот. Боингот 737-700 претходно се користеше како авионска брза помош.

Според порталот „Флајтрадар24“, истиот авион денеска полетал од Лангкави на пат кон Шарџа во Обединетите Арапски Емирати, од каде треба да полета за Норвешка.

Кралот Харалд, кој има здравствени проблеми во последниве години, рече дека не планира да абдицира како неговата роднина данската кралица Маргарет Втора, која абдицира на почетокот на годинава.

Норвешкиот престолонаследник Хакон ги презеде обврските на својот татко додека тој е на лекување.

Должностите на Харалд како шеф на државата се церемонијални и тој нема политичка моќ. Тој дојде на тронот по смртта на неговиот татко, кралот Олаф, во 1991 година.