Од Сити излегуваат неочекувани детали: Де Брујн го претрпе најтешкиот удар во кариерата (фото)

Славниот белгиски фудбалер Кевин де Брујн неодамна со соопштение за медиумите се прости од Манчестер Сити, но сега Белгијците објавија непознати детали кои никој не ги очекуваше.

Де Брујн по 10 години се прости од Манчестер Сити. Во изминатата деценија тој беше главниот мотор за освојување на сите трофеи и убедливо најдобриот играч што го имал Манчестер Сити, можеби во целата своја историја.

Во писмото објавено до навивачите, тој официјално се збогуваше со клубот, но најугледниот белгиски весник „Де Стандард“ и неговиот новинар Барт Лага објавија ексклузивни детали за разделбата меѓу двете страни.

Имено, Де Брујн остана изненаден и разочаран од потегот на Сити. Иако има 33 години, Де Брујн очекуваше да остане во Манчестер Сити и мислеше дека ќе остане во клубот со продолжување на договорот.

Тоа дури и требаше да се случи, но, според овој влијателен белгиски весник, зимскиот преоден рок на Манчестер Сити ги навел челниците да ја сменат одлуката.

Имено, бидејќи Манчестер Сити потроши сериозни пари за доведување на четири големи засилувања во текот на зимата, финансиските можности на клубот се намалија и на „Етихад“ решија да не и” понудат нов договор на својата најголема легенда. Поточно, Сити ги имаше потребните пари, но не можеше да ги „вклопи“ во финансискиот фер-плеј.

Фудбалерот од средниот ред во блиска иднина ќе ги разгледува опциите за иднината, но она што Белгијците го најавуваат е дека не сака да оди во Саудиска Арабија или надвор од Европа и верува дека сепак може да игра на највисоко ниво.

Де Брујн е убеден дека до почетокот на летото ќе добие соодветна понуда од еден од силните европски клубови, а бидејќи моментално е здрав и во доста добра форма, не треба да нè чуди ако направи многу гласен трансфер.