– Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) објави дека во Појасот Газа има 50.000 бремени жени што не можат да добијат основни здравствени услуги.
Агенцијата на ОН наведе дека 5.500 од нив ќе се породат овој месец.
Претставникот на УНФПА за Палестина, Доминик Ален, за Си-ен-ен изјави дека самиот здравствен систем во Газа е нападнат и дека е на раб на колапс.
„Замислете дека минувате низ тој процес во последните фази и вашиот последен триместар пред породувањето, со можни компликации, без облека, без хигиена, без поддршка и несигурни што ќе донесе следниот ден, следниот час, следната минута и нивното неродено дете“, рече Ален.
Исто така, тој додаде дека приказните што доаѓаат од болниците се „мачни“.
Тој истакна дека некои родилки не можеле да стигнат ни до породилното одделение за да добијат помош.
Ален повика на пристап до помош и хуманитарни материјали во енклавата.