ОЛАФ бара Македонија да врати 660.000 евра поради злоупотреба на средствата од ИПА

Проект од 2015 година вреден 660.000 евра за софтвер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е случајот за кој Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) утврди неправилности и препорача државата да ги врати парите, пренесува Телеграфи Македонија.

Како што информира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, не станува збор за никаков договор или прашање поврзано со ИПАРД, туку за проектот што се реализираше преку ИПА поддршката за Министерството.

Истрагата е веќе завршена и има конкретен случај со конкретни правни дејствија за случајот. Случајот е испратен до Основното јавно обвинителство против организиран криминал, а министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира на целосно расчистување на случајот.

„Имаме случај на ОЛАФ е склучен со препорака. Станува збор за проект од 2015 година, но не е поврзан со ИПАРД, туку со ИПА поддршката на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за одреден софтвер за кој државата мора да ги врати парите. ОЛАФ спроведе постапка и утврди дека има неправилности, па затоа препорачува државата да ги врати средствата. Во врска со случајот, на една од последните седници Владата донесе одлука според сите процедури и предметот е испратен до Обвинителството“, рече Николовски.

Министерот нагласува дека бараат и апелираат до надлежните расчистување на случајот.