Германија мора брзо да ги депортира мигрантите кои немаат право на престој, но и да продолжи да ги прифаќа оние кои имаат право на азил и оние со потребните вештини, порача германскиот канцелар Олаф Шолц во интервју за весникот Der Spigel.
„Мораме да ги депортираме во голем обем оние кои немаат право да останат во Германија“, вели Олаф Шолц.
Тој нагласи дека оние кои немаат услови за азил и немаат шанси да останат мора да си заминат.
„Мора да депортираме повеќе и побрзо“, изјави германскиот канцелар.
Олаф Шолц вели дека е неопходен „цел пакет мерки“ за ограничување на илегалната миграција, што вклучува подобра заштита на надворешните граници на Европската унија и построга контрола на границите на Германија со соседните членки на ЕУ.
Канцеларот додаде дека Германија мора да продолжи да прифаќа бегалци кои имаат право на азил поради политички прогон или други легитимни причини, како и да привлекува повеќе мигранти со потребните вештини.
„Но, оние што не припаѓаат на ниту една група не можат да останат со нас“, повтори Олаф Шолц.
Интервјуто беше објавено додека владејачката коалиција, составена од Социјалдемократската партија (СПД), Зелените и Слободната демократска партија (ФДП), дебатираше за миграциската политика.