Европскиот сојуз за промени, чиј дел се Демократското движење, Беса и Алтернатива, ќе дејствува обединет како пратеничка група во Собранието. За координатор на оваа група во Собранието е избрана Сафије Садики Шаини, а за нејзина заменичка Мерита Колчи Коџаџику. А, бидејќи дејствуваат како опозиција, сега бараат свој претставник и во Државната изборна комисија, бидејќи опозициското столче беше испразнето по заминувањето на Кренар Лога и неговото именување за министер.
-Уште еднаш апелираме до претседателот Талат Џафери да не го одложува изборот на членот на ДИК кој е од опозицијата, бидејќи тоа го прави соучесник во непочитувањето на Изборниот законик“, рече Африм Гаши.
Во Собранието веќе е отворен повикот за член на ДИК, додека како што претходно најави опозицијата, нивен кандидат за тоа место е Абдуш Демири од Движењето Беса. Овој предлог по затворањето на конкурсот мора да биде потврден од Комисијата за прашања на изборите и именувања во Собранието, а истата комисија потоа да го достави предлогот до Собранието, кој мора да биде одобрен со 2/3 од гласовите или 80 пратеници. Шефот на Демократското движење, Изет Меџити, се сомнева дека може да се манипулира со претстојните парламентарни избори, имајќи предвид дека, како што вели, се прават обиди оваа фотелја да не и биде доделена на албанската опозиција.
-Кој европски фронт, какви европски вредности се тоа кога на македонската опозиција и се дозволува да има тројца членови во ДИК, а албанската опозиција нема право да има еден член? Тоа покажува дека тие не се грижат за стратешкиот интерес на државата, ниту за европските вредности, ниту за европскиот фронт, туку отсега почнаа со тенденција да манипулираат со претстојните парламентарни избори.“, вели Меџити.
Во меѓувреме, пред неколку дена првиот човек на Собранието Талат Џафери изјави дека не може да дефинира за албанската опозиција дали заслужува место во ДИК. Ова законско толкување, рече, треба да го даде ДИК.
-Ако има дилеми што не можат да ги дадат, има одредена процедура во Собранието. Секој пратеник може да иницира автентично толкување на правните норми и да дефинира што е што. Не е мое да одредувам кому што и како припаѓа, има процедури, има правила, има закони. Нека ги читаат законите, нека ги применуваат законите. Тоа што ќе го предложам ќе биде на дневен ред-рече ЏАфери.
Пратеникот на Движењето Беса, Фадиљ Зендели, на конференцијата ги спомена и забелешките на ОБСЕ од последните избори, за кои вели дека не се подобрени од Владата, што, според Зендели, било споменато и во последниот извештај на ЕК.