Општина Берово доби ново специјално возило за спасување од природни катастрофи

– Во рамките на имплементацијата на проектот „Волонтери преку граница“ Општина Берово доби ново специјално возило за спасување од природни катастрофи. Возилото како што информираа е со два модули за гасење на шумски пожари и чистење на снежни наноси и истото ќе биде наменето за јакнење на капацитетите на Територијалната противпожарна единица од Берово.

-Општина Берово е лидер партнер во проектот, а партнер од Република Бугарија е невладината организација – здружение на граѓани „Заедно за Сандански“. Возилото е набавено од  компанијата со долгогодишно искуство, во набавка и дистрибуција на специјални возила- ,,Медис”, од Софија, Република Бугарија. Со набавката на ова возило, значително ќе се зајакнат капацитетите на територијалната противпожарна единица во Берово, при што,  покрај тоа што ќе имаат нова опрема за противпожарна заштита, односно за гаснење на шумски пожари, ќе има и модул за чистење на снежни наноси, истакнаа од Општината.

Во рамките на истиот проект како што додаде градоначалникот Звонко Пекевски, неодамна група млади од Општина Берово учествуваа на обуката за волонтери и млади од Прекуграничниот регион за справување со природни катастофи, пожари, поплави и слично, со што се остварува одржливо прекугранично партнерство, во полето на превенција и справување со елементарни непогоди.

-Проектот се фокусира на мерките насочени кон ублажување на последиците од климатските промени, како и во решавањето на прашања поврзани со заштита на природата и биодиверзитетот, одржливо користење на природните ресурси, заштита на животната средина и управување со ризик на прекугранично ниво, додаде Пекевски.

Проектот е ко-финансиран од ЕУ преку Интеррег ИПА Прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија Програма 2014-2020, CCI 2014TC16I5CB006. Буџетот на целосниот проект изнесува 397.457,46 евра, односно по 179.317, 00 евра за Општина Берово и исто толку за Здружението на граѓани “Заедно за Сандански“ од Бугарија.