Општина Велес со препораки до граѓаните поради пет дена со високи средно дневни концентрации на ПМ-10 честичките
– Пет дена едноподруго мерната станица Велес-2 на Министерството за животна средина, лоцирана во градинката во Населбата Тунел во Велес, на 16, 17, 18, 19 и 20 февруари измерила средно дневни концентрации од над 100 микрограми на кубен метар од опасните ПМ – 10 честички, за кои дозволената средна дневна граница е 0,50 милиграми на кубен метар воздух, со што бил надминат прагот на информирање од 100 микрограми. Поради тоа Секторот за урбанизам и заштита на животната средина на Општина Велес донесе повеќе препораки до велешани.
Оттаму препорачуваат граѓаните да не користат прегреано отпадно масло за загревање на просториите, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пет амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал. На граѓаните им се препорачува рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено, како и правилно да се користат печките на дрва, да се користи суво огревно дрво и редовно да се чистат оџаците. Покрај тоа, се препорачува да се користи јавен превоз, а приватните возила да не се користат без поголема потреба и по повеќе лица да се возат со едно возило во исто време.
На 16 февруари средно дневната концентрација на ПМ-10 честичките била 114,5, на 17 февруари 110,7, на 18 февруари 145,9, на 19 февруари 123,5 и на 20 февруари 120,2 микрограми на кубен метар воздух.
Од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина на Општина Велес појаснуваат дека доколку има надминување на Прагот на алармирање, односно доколку во текот на два последователни дена средно дневните концентрации на ПМ -10 честички се над 150 микрограми на кубен метар воздух ќе бидат преземени дополнителни мерки за што јавноста навреме ќе биде информирана.