Општина Зрновци воспоставува соработка со црногорската општина Цетиње

 Делегација од Општина Зрновци, предводена од градоначалникот Борчо Коцев и претседателот на општинскиот Совет, Виктор Анакиев беше во дводневна работна посета на општина Цетиње во Република Црна Гора, на која се воспоставени почетни контакти за соработка и збратимување.

На работна средба со заменик градоначалникот на Цетиње, Милош Мудреша било разговарано за јакнење на соработката меѓу двете локални самоуправи заради искористување на туристичките и културните потенцијали, како и за размена на искуства и поддршка во сферата на социјалната заштита.

– Посетата ја реализиравме по покана од националната координаторка во Министерството за труд и социјална работа на Црна Гора, Будимирка Ѓукановиќ, при што имавме разговори за прашања од социјалната заштита на локално ниво, како и за воспоставување соработка и поддршка при изготвување и реализација на проекти и обезбедување средства од фондовите на ЕУ. Во тие рамки, присуствувавме и на отворањето на Домот за стари лица во Никшиќ, за што се инвестирани околу пет милиони евра и е најголем таков објект во регионот, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

По потпишувањето на меморандумот за соработка контактите треба да се зајакнат со меѓусебно збратимување, а договорено е делегација од Цетиње да дојде во возвратна посета на Зрновци во текот на културната манифестација за одбележување на верскиот празник Ѓурѓовден.

Во рамки на посетата на Црна Гора учествувале и членови на фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ со настап на фестивал во Никшиќ, на кој го претставиле македонскиот изворен фолклор од источниот регион.