Општина Кавадарци доби донација од нови 16 автобуски постојки, од германската компанија ,Дрекслмаер”, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
– Благодарение на поддршката од „Дрекслмаер”, автобуските постојки беа поставени на трасата од село Ваташа кон Глишиќ и Марена, но и на трасата која започнува и завршува во населба Глишиќ. Постојките се во функција на подобрување на квалитетот на секојдневното живеење и јавниот градски превоз, поголема безбедност и подобар лик на општината и поголема достапност и функционалност на јавниот сообраќај, соопштија од кабинетот на Јанчев.
На 13 февруари годинава, во Кавадарци стартуваше јавниот градски превоз со градски и приградски линии.
Претходно беа презентирани три нови автобуси за превоз. Директорот на јавното претпријатие за градски превоз, Александар Ѓорѓиев тогаш информираше дека ќе има две градски линии што ќе сообраќаат во текот на цел ден, на временски интервали од половина час.
– Во приградскиот превоз ќе има четири линии, три пати дневно, ќе бидат опфатени сите приградски села, како и линија до Росоман со селата во росоманска општина. Ова претпријатие го опфаќа и превозот на ученици од сите средни и основни училишта во кавадаречката општина, појасни Ѓорѓиев.
Се располага со осум возила. Три нови и еден постоечки автобус, еден минибус и три комбиња за превоз на патници.