Општина Маврово и Ростуше бара прогласување кризна состојба по зголеменото присуство на кафеава мечка (Видео)
Во Националниот парк Маврово, но и на други подрачја на државата е забележано зголемено присуство на кафеава мечка, соопшти денеска директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција.
Според проценката што ја дава Општина Маврово и Ростуше, Ангелов вели дека на територијата на националниот парк има од 160 до 180 мечки, а според одредени норми од стручни лица бројот на мечки би требало да биде 70. На територијата на државата има значително повеќе, неофицијално повеќе од 500 мечки.
Општината Маврово и Ростуше одржала неколку средби со месните заедници, МВР, како и со претставници на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, и претставници на Министерството за животна средина, каде донеле одлука да поднесат барање за прогласување кризна состојба во рамките на територијата на Општина Маврово и Ростуше.
Ова е нова ситуација за ЦУК, вели Ангелов, до сега како институција немале вакво барање. Од тие причини за в понеделник свикана е седница на групата за процена, каде ќе се разгледа состојбата и ќе се процени дали се исполнети законските услови за прогласување кризна состојба, што ќе овозможи одредени механизми кои што сега според тврдењата на општината ги немаат на располагање.
-Во понеделник групата за процена ќе се произнесе, доколку заклучиме дека се исполнети условите за прогласување на кризна состојба на ова подрачје, истото ќе го предложиме на управувачкиот комитет, а потоа Владата е таа која што треба да одлучи што ќе се случи понатаму. Во нашата работа ќе вклучиме и активисти на Здружение за заштита на животните. Наша цел не е отстрел на овие животни. Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето, дециден беше Ангелов.
Кафеавата мечка кај нас е забранета за лов и спаѓа за строго заштитен вид уште од 1996 година, а тоа допринесува таа да се размножува вели Ангелов, потенцирајќи дека глобалното затоплување може да биде и една од главните причини, бидејќи последните топли години мечката не оди во таканаречениот зимски сон и е активна во текот на зимата.
-Овие кафеави мечки пред се претставуваат голема опасност по животот и здравјето на граѓаните, бидејќи се работи за живи села, каде што има мали деца и неколку основни училишта, каде што децата одат на училиште, притоа се движат сами. Вообичаено селските улици се многу тесни и при несакана средба со мечка, дури мечката и да нема намера да нападне, би претставувала огромна опасност за жителите. Во самото село во повеќе наврати мечки влегуваат во куќите да бараат храна, рече Ангелов на денешната прес-конференција во ЦУК.
Од Центарот за управување со кризи презентираа неколку видеа кои ги снимиле утринава, каде жители на с. Жировница сведочат за блиски средби со мечки. Најкарактеристичен е случајот на возрасна жена која живее сама, каде мечката се обидела да влезе на влезната врата во куќата.
Според жителите на селото Жировница околу селото гравитираат повеќе од 30 мечки, еден од проблемите е дека поради сушната година нема доволно природна храна.
-Жителите на село Жировница се исплашени, бидејќи мечките се шетаат во селото секојдневно. Притоа често се забележани напади на пчеларници, најголемиот дел од пчеларниците се уништени, но исто така има случаи на убивање на добиток, рече Ангелов и додаде дека со истиот проблем се соочуваат и жителите на село Требиште, каде во основното училиште учат 45 ученици.
Во овој момент заштитата на кафеавата мечка ја регулираат два закони. Првиот е Законот за ловство, којшто предвидува дека Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство може да го дозволи ловот на трајнозаштитен дивеч, меѓу кои спаѓаат и мечките, ако прави штета во ловиштето или на корисникот, односно сопственикот на земјиштето и водите, по претходно мислење на Министерството за животна средина и просторно планирање. Сличен член постои и во Законот за заштита на природата, каде се регулира дека отстрел на диви животни се врши врз основа на претходно добиена дозвола од министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на ловството, а врз основа на претходно добиено мислење од министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата.
Слично искуство во регионот има во Романија, каде отстрелот на мечки станал изборна тема и дел од изборните ветувања на изборните партии.