Граничната полиција на БиХ сепак добила најава за влез на 70 припадници на унгарската антитерористичка полиција, јавуваат сараевските медиуми.
Оваа информација доаѓа по синоќешната изјава на Милорад Додик дека 300 припадници на унгарската антитерористичка специјална полициска единица се во Република Српска.
Тие влегле во БиХ пред два дена, на 24 февруари, а причината била обука и вежби со припадници на МВР на Република Српска.
– Во овој момент, деновиве, во договор со Орбан, нивната антитерористичка единица од 300 луѓе дојде овде во РС денеска, вчера, завчера и заедно со антитерористичката единица на МВР на РС, обучува и вежба во оваа насока – рече Додик на седницата на Народното собрание на РС.
Пресуди за Додик и Лукиќ денеска
Судот на БиХ соопшти дека денеска ќе ја изрече првостепената пресуда против претседателот на Република Српска Милорад Додик и вршителот на должноста директор на „Службен весник“ Милош Лукиќ за „непочитување на одлуките на Кристијан Шмит“ .
Пресудата е закажана за 13 часот.
За време на нивните завршни зборови минатата недела, одбраната на Додик и Лукиќ побара ослободителна пресуда, додека Обвинителството предложи затворски казни и 10-годишна забрана за вршење јавна функција.
Бројни граѓани ноќта ја минаа пред Народното собрание на Република Српска за да ја чекаат пресудата против Додик и Лукиќ.