Леденото кафе е освежителен пијалак, во кој ќе уживаат и оние што не се големи љубители на кафето. Поради својата кремаста структура може да се користи како замена за десерт, а одлично се комбинира и со состојки како сладолед.
Со овој начин на подготовка ќе добиете ледено кафе како од угостителските објекти.
Потребни состојки:
- 1-2 лажички кафе
- 250 мл млеко
- 1 лажичка шеќер
- неколку коцки мраз
Подготовка:
Во мал сад ставете две лажички кафе. Ако користите инстант кафе, проверете на кесичката дали содржи шеќер и млеко (повеќето содржат), па во тој случај не треба да додавате дополнителен шеќер. Доколку користите обично кафе, ставете една лажичка и не заборавајте да додадете повеќе шеќер за да не ви биде горчливо леденото кафе.
Додадете 50 милилитри топла вода во садот со кафе и шеќер и изматете кратко додека не добие кремаста текстура. Префрлете ја смесата во чаша или шолја и истурете ја во добро изладено млеко. Промешајте и додадете коцки мраз.
Ако сакате пена од млеко, претходно треба да одвоите 50 мл млеко и да го изматите, па потоа да го додадете. Леденото кафе можете да го послужите и со шлаг или чоколадни парчиња.